| четврток, 6 декември 2018 |

Сан Антонио лесно го победува Лејкерс

Домашните екипи во НБА продолжија да редат победи, а предноста на Оклахома, Сан Антонио и Индијана веќе е значајна. Сите победија на свој терен ноќеска и водат со 2-0 во конференциските четврт-финалиња од плејофот.

Кошаркарите на Сан Антонио повторно беа подобри од Лејкерси и со предност од 2-0 патуваат во Лос Анџелес. Гостите држеа приклучок до финишот на првото полувреме иако играат без првата ѕвезда Коби Брајант.
Во продолжението домашните брзо стигнаа до двоцифрена разлика и сигурно ја одржуваа до самиот крај. Најдобар поединец во победничката екипа беше Тони Паркер со 28 поени и 7 асистенции. Тим Данкан и Кавај Ленард дадоа по 16 поени. Кај Лејкерси, Двајт Хауард беше најефикасен со 16 поени, девет скока и четири блокади, а По Гасол и Мета Ворлд Пис постигнаа по 13 поени.
Повозбудливо беше во Оклахома, каде што Хјустон пружи многу посилен отпор во вториот дуел. Гостите имаа негатива и од 15 поени во последниот период од играта, но со серија 19-2 направија пресврт и поведоа со 95-91. Хјустон, сепак, немаше сили за завршен удар, до крајот на мечот поентираа само Харден и Беверли, па со нов пресврт Оклахома славеше со 105-102.
Дјурент и Вестбрук со по 29 поени ја предводеа Оклахома, а Серж Ибака постигна 12 поени со 11 скока. Харден, кој порано беше член на Оклахома, им зададе многу мака на некогашните соиграчи, постигна 36 поени, но немаше поддршка од останатите кошаркари. И Хјустон, како и Лејкерс и Атланта, се враќа дома со негатива од 0-2. Во полуфиналето ќе играат екипите што први ќе стасаат до 4 победи.
Резултати: Индијана – Атланта 113-98 (2-0 во серија), Оклахома – Хјустон 105-102 (2-0), Сан Антонио – ЛА Лејкерс 102-91 (2-0)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top