| четврток, 6 декември 2018 |

Кожуф превисок за шампионот МЗТ Скопје

Шампионот МЗТ Скопје го загуби првиот натпревар во Суперлигата во кошарка, а во меч од 6. коло подобар од нив беше Кожуф во Гевгелија. Домаќините победија со 83-80, по едно продолжение.

МЗТ во финишот остана без ветеранот Тодор Гечевски, кој заработи незгоден удар во коленото при еден судир со Филиповиќ, па не беше во можност да им помогне на соиграчите во самата завршница.

Кошаркарите на Кожуф имаа и мала доза среќа, но ја заслужија со пожртвуваната и храбра игра против фаворитот. Божовиќ во последната секунда од регуларниот дел израмни на 71-71, за дополнителни 5 минути игра.

Поранешниот кошаркар на МЗТ, Мијајловиќ беше незадржлив и тој ги погоди клучните поени на дваесетина секунди до крајот со кои Кожуф победи со 83-80.  МЗТ имаше можност да изнуди ново продолжение, но обидот на Дамјан Стојановски за тројка беше непрецизен.

Пековиќ беше прв стрелец кај Кожуф со 19 поени, еден повеќе од центарот Божовиќ, додека Мијајловиќ го заврши мечот со 9 поени и 4 асистенции, сите во клучните моменти од мечот.  Чековски имаше уште едно одлично издание забележувајќи 22 поени. Дамјан Стојановски реализира 14 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top