Вкупно 4,3 милиони евра е вкупната штета од февруарските поплави во коишто беа зафатени Струмица и шест села од оваа општина.
Советот на општина Струмица на денешната вонредна седница го усвои елаборатот за штетите што ги направија поплавите од 25,26 и 27 февруари на подрачјето на општина Струмица.
Како што стои во Извештајот на Комисијата за проценка и утврдување на висината на штети настанати од природни непогоди и други несреќи при општина Струмица, во февруарските поплави на територијата на општина Струмица биле поплавени и оштетени 621 куќа, од кои 456 во селото Муртино.
– До Комисијата за проценка на штети биле доставени вкупно 1.440 барања, од нив како неосновани, односно по извршениот увид Комисијата отфрлила 63 бидејќи штетите не биле настанати од поплавите. Вкупната материјална штета во февруарските поплави изнесува над 264,5 милиони денари или 4,3 милиони евра, изјави Марјан Даскаловски,претседател на Советот на општина Струмица.
Во поплавите коишто се случија кон крајот на февруари, според Комисијата за проценка на штети во општина Струмица штети претрпеја раноградинарското производство и есенските посеви на површина од над 1.500 хектари.
Денеска усвоениот елаборат, општина Струмица ќе го достави до надлежните тела во Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.