| четврток, 6 декември 2018 |

Предавање за шведската писателка Селма Лагерлеф

Предавање  посветено на шведската книжевност насловено „Шведската писателка Селма Лагерлеф: многу повеќе од само раскажувач“ организира денеска Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје во рамки на манифестацијата  „Денови на светската книжевност“.

Предавањето ќе го одржи Лена Кореланд, почесен професор по компаративна книжевност и ќе биде на англиски јазик.

Селма Лагерлеф е една од најзначајните шведски авторки и прва жена добитничка на Нобеловата награда за литература.

Професорката Лена Кореланд, која е член на жирито за меѓународната награда „Астрид Линдгрен“, е дојдена во Македонија на покана на Амбасадата на Кралството Шведска со чија соработка се организира предавањето.

На настанот ќе можат да  се разгледаат и купат книгите од шведските автори преведени на македонски јазик, објавени во рамки на капиталните издавачки проекти „Ѕвезди на светската книжевност“ и „Превод на дела од автори кои добиле Нобелова награда за литература“, меѓу кои освен Селма Лагерлеф се и Аугуст Стриндберг, Хари Мартинсон, Гунар Екелоф, Томас Транстромер и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top