| четврток, 6 декември 2018 |

Све је ово премало за крај – нов сингл од архивата на Тоше Проески

Албумот „Best of Tose Proeski“е дигипакт-издание кое ќе излезе на роденденот на Тоше, а на обвивката и на задниот дел ќе има досега необјавени фотографии на поп-пејачот

„Best of Tose Proeski“ насловот на албумот кој ќе излезе на денот кога е реодена македонската музичка легенда Тоше Проески. На овој начин ќе се одбележи денот кога прерано починатиот Тоше требаше да наполни 32 години. На него се наоѓаат 16 композиции кои ја одбележаат кариерата на Тоше, но на албумот ќе се најде и една нова песна „Све је ово премало за крај“. Автор на музиката и на текстот на новата композиција е Јелена Трифуновиќ, а аранжманот го направи Никша Братош.

Славен Ристоски од „Фондацијата Тоше Проески“, за весникот Дневник изјавува дека песната е снимена во 2006 година, во домашното студио на Тоше и дека оваа песна е само дел од богатото музичко наследство што го остави во своето студио. Албумот „Best of Tose Proeski“е дигипакт-издание, а на обвивката и на задниот дел ќе има досега необјавени фотографии на поп-пејачот. Ристоски истакнал дека не било воопшто лесно да се одберат најдобрите хитови, но сепак во овој албум ќе се најдат „Боже чувај ја од зло“, „По тебе“, „Још увјек сањам да смо заедно“, The Hardest Thing, ,,Ден за нас“, ,,Наслони главу“ и други.

„Тешко беше да се одберат најдобрите хитови бидејќи во својата кариера Тоше отпеа многу песни што се хитови. Секоја од нив остави печат во неговата музичка активност. Публиката ги сакаше сите негови нумери, а доказ за тоа беа и концертите на кои таа од прв до последен момент пееше заедно со него“ вели Ристоски.

Промоцијата ќе се оддржи во спомен куќата во Крушево , а ќе биде отворена за претставниците на медиумите, како и за неговите обожаватели што тој ден ќе го посетат вечното живеалиште на поп-ѕвездата.

Овој албум е петто издание кое „Фондацијата Тоше Проески“ постхумно го објави во јавноста. Досега беа промовирани албумите The Hardest Thing (2008), ,,Тоше и пријателите“ (2009), „Со љубов од Тоше“ (2010) и синглот „Kрушево“, кој се појави во 2011 година. Во текот на 2013 година во план е фондацијата да реализира уште неколку проекти за продолжување на ликот и делото на Тоше Проески.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top