Откако ги објави пораките со навредлива содржина што му ги упатил спортскиот директор на Марибор, репрезентативецот Агим Ибраими не престанува да добива поддршка од многу лица, институции, а најмногу има „тежина“ онаа на Горан Пандев, којшто веднаш му се јавил и му искажал поддршка.
„Добивам поддршка од сите страни од најразлични институции. Ми се јави и Пандев и ми рече дека ако ми треба нешто, ми стои на располагање. Искрено неговите зборови многу ми значат во оваа ситуација. Му благодарам на него, и на сите кои ми се јавија и ми искажаа поддршка во овој тежок момент“, ни изјави Ибраими.
Ибраими заврши со Марибор. Тоа е јасно, а пораките треба да му бидат главен адут во обидот да стане слободен играч и да најде нова средина. Македонецот е решен да оди до крај со случајот и да не отстапува од својата замисла.
„Нема веќе враќање, одам до крај. Толку многу дадов за овој клуб, толку многу трансфери не ми успеаја поради нивната алчност. А јас секогаш велев дека Марибор ми е во срцето. Го сакам овој клуб поради навивачите, тие ми се светост. Меѓутоа, не можам да поминам преку некои работи, преку вакви навреди… Одам до крај!“, додаде Ибраими.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.