На територијата на село Пакошево, во општината Зелениково ќе се гради спортско-рекреативен центар за голф, односно терени и придружни содржини во функција на центарот, доколку локалната самоуправа најде концесионер што ќе го изгради и стопанисува. Општината Зелениково веќе распиша оглас за воспоставување јавно-приватно партнерство за изградба, оперирање, управување и одржување на идниот спортско-рекреативен центар за голф.
Kако што објасни градоначалникот на Општината Зелениково, Веле Груевски, во рамките на овој терен за голф ќе има 18 дупки на површина од 50,80 хектари.
– Освен тоа ќе има подготвително игралиште за голф, како и сместувачки и угостителски капацитети и тоа минимум 10 бунгалови со по минимум две легла во едно бунгалов. Исто така, ќе има и кафе-бар со минимум 100 угостителски места – информира Груевски.
Избраниот приватен партнер ќе треба просторот да го уреди хортикултурно со засадување на 200 дрва.
– Партнерот ќе треба да набави минимум 15 колички за голф. Исто така, ќе треба да набави два трактора и машина за косење на гринови и треба да изгради сообраќајна инфраструктура со пристапен пат мост на Вардар во согласност со техничките стандарди за изградба на ваков вид објекти – потенцира Груевски.
Општината нема проект за идните терени за голф, односно ќе биде оставено на приватниот партнер да го изработи архитектонско-урбанистичкиот проект. Во моментов Општина Зелениково има донесено само урбанистички план за вон населено место за изградба на голф-терен во катастарска општина Пакошево, покрај реката Вардар.
– По потпишувањето на договорот за јавно-приватно партнерство, концесионерот во рок од шест месеци треба да ја изработи проектната документација и да ја достави кај јавниот партнер односно Општината Зелениково. Ќе биде должен да го изгради центарот во рок од четири години, сметано од правосилноста на одобрението за градба – информира Груевски.
Договорот за концесија ќе се склучи за период од 30 години, а по истекот овој спортско-рекреативен центар ќе биде предаден во сопственост на Општината Зелениково. Според градоначалникот Груевски, првите пет години од јавното-приватно партнерство се грејс-период за инвестирање, а се очекува работите на терен да започнат годинава. Приватниот партнер во првите пет години ќе биде ослободен од плаќање на годишен концесиски надоместок за јавно-приватно партнерство.
Партнерот ќе биде задолжен да склучи договори со неколку голф-центри во регионот за да може идниот центар да се стави во меѓународни рамките и да се одржуваат турнири.
Според објавениот оглас, вредноста на овој центар е проценета на 70,2 милиони денари, односно 1,1 милион евра без ДДВ. Сите заинтересирани своите понуди треба да ги достават најдоцна до 9 мај во 12 часот, кога ќе се спроведе јавно отворање на понудите.
Kритериум за доделување на договор за јавна набавка, според објавениот оглас се: 40 бода за висината на годишниот концесиски надомест, 30 бода за бројот на вработувања според бизнис-план и 30 бода за бројот на легла во сместувачките капацитети.
Kако што истакна градоначалникот Груевски, засега имале многу голем интерес за овој оглас. Откако е објавен на 8 април, за три дена веќе им пристигнале осум тендерски понуди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.