| четврток, 6 декември 2018 |

Реал Мадрид комплетен во обидот да стигне во полуфиналето

Реал Мадрид е пред тешка мисија во реванш дуелот од четвртфиналето од Лигата на шампионите. „Кралевите“ вечерва на „Сантијаго Бернабеу“ ќе се обидат да ја анулираат предноста на Волфсбург од првиот натпревар по кој германскиот состав победи со 2-0.

Тренерот на Реал, Зинедин Зидан по подолг период ќе ги има на располагање сите фудбалери и комплетен со првиот состав ќе настапи во реваншот. Со враќањето на Карим Бензема „кралевите“ комплетни ќе истрчаат на „Сантијаго Бернабеу“ во обид да забележат победа од најмалку 3-0, за пласман во полуфиналето од елитното европско натпреварување. Без посериозни проблеми е и гостинскиот стратег, кој нема да смета на Јунг и Шпренгер, двајца играчи кои во секој случај не се најстандардни кај германскиот состав.

И вториот натпревар од првите реванши во четврфиналето од ЛШ побудува голем интерес во фудбалска Европа. Тоа е борба на двата најбогати тимови во Европа, ПСЖ и Манчестер Сити. Петродоларите се главни во Европа и управите на двата клуба не штедат пари кога се работи за нови засилувањата во тимовите. Сепак во поповолна ситуација се наоѓа домаќинот на вечерашниот натпревар, Манчестер Сити бидејќи во првиот меч на „Паркот на принцовите“ во Париз извлече реми со дури два постигнати гола.

„Граѓаните“ на реваншот на „Етихад“ ќе бидат без Компани и Стерлинг. На спротивната страна ќе недостигаат суспендираните Матуиди и Давид Луиз, а многу значајно за „светците“ ќе биде дали ќе се закрепне Верати, кој е главен организатор на играта. Доколку тој не биде во можност да настапи, шанса најверојатно би добил Стамбули, кој сепак е барем една класа послаб играч од Италијанецот.
Сепак и покрај отсутните фудбалери во двата состави, мечот на островото со сигурност ќе биде одличен за гледање бидејќи и двата тима ќе настапат со првите ѕвезди.

Натпреварите на „Сантијаго Бернабеу“ и „Етихад“ започнуваат во 20.45 часот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top