| четврток, 6 декември 2018 |

Отказ за Михајловиќ, нов шеф на стручниот штаб во Милан е Кристијан Броки

Синиша Михајловиќ повеќе не е шеф на стручниот штаб на Милан откако српскиот стратег не успеа да го „преживее“ последниот состанок со Силвио Берлускони. Средбата синоќа траеше повеќе од три часа, за на крајот да биде донесена одлука Михајловиќ да си замине уште сега, наместо на крајот од сезонава. Причината е јасна, „росонерите“ се без победа во последните пет кола, во последните две средби претрпеа порази, па раководството на клубот реши конечно да го стори она што беше најавувано во неколку наврати во изминатите месеци.

Како што јавуваат италијанските медиуми, изборот за нов стратег на „росонерите“ паднал врз Кристијан Броки, поранешниот фудбалер на Милан, кој во последните години работеше како тренер во младинската школа на „росонерите“. Денешниот тренинг на Милан е закажан за 15 часот, а дотогаш се очекува и Броки официјално да биде промовиран во нов шеф на стручниот штаб на оваа екипа. Во зависност од неговите резултати до крајот на сезонава дополнително ќе биде решено дали на овој млад стручњак ќе му биде дадена шанса како шеф на стручниот штаб за следната натпреварувачка сезона.

Милан моментно се наоѓа на шестото место на табелата со вкупно 49 бода, седум помалку од петтопласираната Фиорентина.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top