Поезија од Јовица Тасевски-Етернијан, во оригинал на македонски и препеана на англиски јазик, е објавена во новиот број на британското книжевно списание „Калина Ривју“. Песните на Етернијан ги избра, ги препеа на англиски и белешката за авторот ја состави познатата американска поетеса Џудит Скилман.
Уредници на списанието „Калина Ривју“ се реномираниот британски преведувач и поет со украинско потекло, Стив Комарницкиј, добитник на награда за препев од Англискиот ПЕН-центар и преведувачката Сузи Спејт.
-Јовица Тасевски-Етернијан, вешто преведен од страна на Џудит Скилман, е македонски автор со природна моќ. Неговото дело има митски квалитети на свет текст и може да ве поттикне да помислите на некои поети од Источна Европа како Васко Попа или Мирослав Холуб“. Во белешката за поетот, пак, се нагласува дека „песните на Јовица Тасевски-Етернијан се одликуваат со оригинални слики, богат фигуративен јазик и повеќеслојни значења; тие извираат од моќна поетска имагинација, истакнуваат уредниците во воведот на списанието.
Јовица Тасевски-Етернијан е автор на шест поетски книги, а неговата поезија е преведена на петнаесетина јазици и објавена е во списанија и антологии во над дваесет држави.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.