| четврток, 6 декември 2018 |

Богов: Одливите се направени преку банкарскиот сектор и се целосно легални

bo

Деловните банки се задолжени да ги контролираат трансакциите кон станство и нивна обврска е доколку забележат сомнителна трансакција да ја пријават до Агенцијата за спречување перење пари. Улогата на Централната банка е најмалку еднаш годишно да ги проверува сите трансакции на банките и доколку забележи неправилност да им укаже да ја пријават до Агенцијата.

Ова денеска го порача Димитар Богов, гувернерот на Народната банка на Република Македонија во одговор на прашање на паузата на Петтата меѓународна истражувачка конференција на тема: „Преносни ефекти од економскиот и финансискиот циклус: преиспитување на домашните и прекуграничните канали и одговорите на политиките“, што денеска и утре се одржува во Скопје по повод одбележувањето на годишнината од монетарното осамостојување на земјава.

-­ Македонските компании имаат можност да имаат сметка и да инвестираат во странство. Физичките лица согласно Законот за девизно работење немаат право да имаат сметки во странство и доколку на „Панама пејпрс“ се појават такви лица, кои имаат само македонско државјанство, ќе треба да се отвори истрага- изјави Богов.

Тој посочи дека парите што се појавуваат во случаи како „Панама пејпрс“ најчесто се изенесени на нелегален начин, а не преку банкарски трансакции. ­

-Ни една централна банка во светот не може да обезбеди документи за случаи како „Панама пејпрс“. Таквите документи се обезбедуваат со меѓународни договори и спогодби. Централните банки не можат да побараат и оттаму да добијат податоци. Има закони кои го регулираат тоа прашање и не дозволуваат откривање на лични податоци и банкарски тајни- прецизира Богов.

Додаде дека во Македонија има прилив, но и одлив од дестинации како што е Панама, како што има и од сите други дестинации.

-­ Одливите кои се случуваат се направени преку банкарскиот сектор и се целосно легални. НБРМ врши контрола во банките, ги проверува трансакциите и доколку открие неправилности банката сноси сериозни последици- рече Богов и додаде дека сите банки се придржуваат до регулативата.

Банките, нагласи, во платниот промет со странство целосно мора да ја почитуваат постоечката законска регулатива за платниот промет со странство и девизното работење.

-­ Не верувам дека некоја банка би се впуштила во сомнителни трансакции бидејќи тоа би било погубно за банката, за нејзините менаџери и акционери. Покрај тоа, НБРМ контолира барем еднаш годишно во секоја банка и ги проверува сите трансакции и за секоја неправилност има остри санкции кон банките- посочи Богов.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top