Во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов – Џинот“ во Велес и годинава од 9 до 21 април ќе бидат изведени дел од претставите на годинашниот „Танц-фест“.
Уметничкиот директор на Велешкиот театар Васил Зафирчев денеска на прес-конференција соопшти дека ќе бидат изведени четири танцови претстави: „Стапнувајќи на земја“ – премиера на Скопје танцов театар (9 април); „Боите на танцот“ на Националниот балет од Измир, Турција (12 април); Strates Rualite Dance Company од Париз (19 април) и „Волшебен свет“ – премиера на Скопје танцов театар (21 април).
Во Велес фестивалот е под мотото „Да го промениме духот на градот“.
Зафирчев е задоволен од соработката со организаторите на „Танц-фест“ и со Македонската опера и балет, како и од минатогодишниот интерес на публиката за фестивалската програма.
– Целта како театар ни беше да им овозможиме на нашите гледачи програмска содржина која го промовира и афирмира танцот, не само современите, туку и класичните форми. Искрено сум задоволен од интересот на велешката публиката за современите форми на танц на минатогодишниот настан. И годинава очекувам уште повеќе публика – истакна Зафирчев.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.