| четврток, 6 декември 2018 |

Претстави со атрактивен, експериментален и со авангарден предзнак на Фестивалот „Лица без маски“

Организатори се независниот „Театар 007“ и Конгресен центар „Александар Македнонски“-Скопје (Универзална сала), под покровителство и со финансиска поддршка на Град Скопје и Министерството за култура

Деветтиот Интернационален театарски фестивал „Лица без маски“ в сабота во 20 часот ќе биде отворен на малата сцена во Македонската опера и балет (МОБ) со музичката комедија „Собуј ги чевлите“ на приватниот театар „Лудум, лудум театар“ и Кинозоик агенција од Белград, каде што претставата за три месеци постигнала голем успех.

Годинешното мото на Фестивалот, кој ќе трае до 12 април, е „Остани стабилен“. Фестивалот е посветен на професионалната независна театарска продукција, која негува алтернативен и експериментален театар.

7ad9ec3d-7e64-4781-9783-ffdd0adb0e49

За време на фестивалот ќе бидат изведени шест претстави – една од Македонија и пет  гостувања на театри од Србија, Романија, Грција, Русија и од Италија.

Организатори се независниот „Театар 007“ и Конгресен центар „Александар Македнонски“-Скопје (Универзална сала), под покровителство и со финансиска поддршка на Град Скопје и на Министерството за култура.

– Се трудиме на скопската и на македонската публика да ѝ понудиме претстави со алтернативен, експериментален и со авангарден предзнак. Претставите се на еминентни и на докажани независни театарски продукции од светот – изјави директорот на „Лица без маски“, Миодраг Костиќ.

Претставите ќе се играат на малата сцена на МОБ и во Театар Комедија.

13f160d6-b0d8-4a1a-aefa-03039d0d9d73

На 10 април на малата сцена на МОБ ќе гостува романскиот театар „Креирај, глуми, уживај“ од Клуж – Напока, кој на „Лица без маски“ гостуваше пред три години. Овојпат ќе настапи со мултимедијален проект „Галаксија“ кој раскажува за настанокот на светот и човекот во светот, односно за кореспондирањето на микрокосмосот и на макрокосмосот.

Во понеделник, 11 април, на програмата се две претстави на малата сцена во МОБ – од 20 часот е визуелната приказна за историјата на Грција „19 Мај“ на грчкиот театар „Онеироу технитис“ од Атина, а од 22 часот ќе настапи независниот театар „Фабрика“ од Скопје со претставата „Госпоѓица Јулија“. Таа е единствена македонска претстава на годинашниот фестивал зашто од здравствени причини на една од актерките е откажана „Алма Малер“ која била планирана во програмата.

Двете претстави на последниот ден од фестивалот, 12 април, ќе бидат изведени на сцената на „Театар Комедија“ – од 20 часот е руската „Рефлексии“ на 32. Физички театар од Таганрод, а од 22 часот италијанската „Ромео и Јулио“ во изведба на театарот „Болоњиникоста“ од Рим.

88719f4e-e4b7-43e5-b80f-477a93da2fe0

– Се обидовме и оваа година да имаме  програма која навидум ќе биде контроверзна и во исто време провокативна, затоа што овие претстави, покрај свежината во естетиката што ја нудат, содржински допираат и актуализираат многу горчливи теми за кој било човек на светот. Зборуваат за љубовта, за прифаќањето на различностите, за рамноправноста, за теми кои се важни за ова заболено глобално општество – рече Игор Ивковиќ, селекторот на Фестивалот.

Програмата е натпреварувачка и шесте претстави ќе бидат во трка за трите фестивалски награди: „Гран-при“ за најдобра претстава во целина, награда за најдобра актерска игра и награда за најдобра режија. Нив ќе ги оценува жири-комисија во состав: режисерот Синиша Евтимов и актерките Ирена Илиевска и Магдалена Ризова-Черних.

Покрај претстави, секој ден од 11 часот на сцената во Универзална сала ќе се одржуваат и работилници кои ќе ги водат гостите-учесници на фестивалот.

Цената на влезниците за претставите на 9. фестивал „Лица без маски“ е по 200 денари. Може да се купат на билетарницата на Универзална сала и на сцените на МОБ и Театар Комедија.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top