| четврток, 6 декември 2018 |

Проектот „Улични музичари и артисти“ почнува од први мај

Од 1 мај до 30 октомври 2016 година во централото градско подрачје, на плоштадите „Мајка Тереза“, „ВМРО“, „Македонија“, „Филип Втори“ и во Градскиот трговски центар по шести пат ќе се одржи проектот „Улични музичари и артисти“.

Организатор е „Конгресен центар Александар Македонски“ Скопје, со поддршка од Град Скопје.

Според Вера Бошковска, директорка на „Конгресен центар Александар Македонски“, целта на овој проект е културно заживување на централното градско подрачје преку урбаната култура.

– Ќе учествуваат уличните музичари и артисти кои се пријавија на јавниот повик, а во него ќе се вклучат и националните установи на Република Македонија, културните институции на Град Скопје, Музичката академија, како и средните и основните училишта од Скопје, рече Бошковска, која додаде дека програмата е наменета за граѓаните и туристите, во претстојниот пролетен и летен период.

Таа информира дека во рамки на проектот ќе се одржат 140 настани, во соработка со музички групи од сите генерации и различни контексти, кои изведуваат жанровски и стилски разновидна музика, од хип хоп, ди џеј сесии на електронска амбиентална музика до современа алтернативна, поп и рок музика.

– Детската програма ќе се изведува како утринска сесија, а во попладневните и во вечерни часови со соодветна часовна координација, во програмата влегуваат разни театарски и музички перформанси, изведувачи на класична музика, како и вечерни видео и филмски проекции. Граѓаните секојдневно ќе можат да присуствуваат на некој настан, а неделно ќе бидат информирани за програмските содржини, истакна Бошковска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top