| четврток, 6 декември 2018 |

Докторанди, адвокати, поранешни обвинители и пензионирани професори за народни пари ја бранат Јанева по медиумите

Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева со народни пари плаќа таканаречени експерти да застанат во нејзина одбрана и да ги покриваат сите пропусти во нејзиното работење. Денешниот Дневник открива професори по уставно и кривично право, адвокати, пензионирани обвинители и судии, но и професори од факултети кои не се од правната струка се на платната листа експерти и стручни лица што најмени да ја советуваат јавната обвинителка, но и да ја бранат по медиумите

katica-janeva-kol173-1

Само за првите три месеци од својата работа од оваа ставка Јанева потрошила 78 илјади евра кога практично СЈО и не работеше на предмети. Иако во извештајот нема отчет за тоа колку пари се потрошени во првите месеци од 2016 по ставки, ако се следи првичното темпо колку пари се трошеле во 2015 за договорни услуги, во што влегуваат и интелектуалните услуги на експертите, може да се заклучи дека се потрошени и десетици илјади евра и за овој првичен период.

– Она што се шпекулира во јавноста е дека биле ангажирани најчесто професори или млади докторанди од Правниот факултет во Скопје. Kоментарите се дека не случајно Јанева во својот воведен говор за предметот „Тврдина“ го цитираше професорот Светомир Шкариќ. Потврда за евентуален негов ангажман нема. Се зборува дека меѓу оние што ѝ помагаат на Јанева за пари е и докторанд по кривично право, но и поранешен обвинител или судија, кои често во опозициските медиуми ја фалат работата на специјалната обвинителка, објави Дневник.

Ваквите информации јавно кружат, но СЈО крие и одбива да одговори за кои лица точно станува збор. Низ правните кулоари веќе се говори дека меѓу дел од експертите кои Јанева ги плаќа со народни пари се и оние кои во опозициските медиуми изминатиов период постојано застануваат во одбрана на СЈО. Па така, меѓу нив циркулираат имињата на адвокатот Александар Тортевски, поранешниот јaвен обвинител Јован Трпеновски и професорот по уставно право Светомир Шкариќ.

Курир се обиде да добие одговор од СЈО дали е точно дека токму Тортевски, Трпеновски и Шкариќ биле ангажирани од Јанева и доколку биле за колкава сума станува збор, но досега СЈО никако не се огласи, ниту демантира ниту потврдува. Јавноста има право да знае, бидејќи станува збор за народни пари за кои постои сомнеж дека се трошат само за одбрана на СЈО по медиумите, односно кампања во корист на Катица Јанева.

Токму поради ова, со резерва се земаат сите бледи настапи на таканаречените експерти за кои постои сомнеж дека се дебело платени по медиуми да ја бранат Јанева и да ја покриваат за сите пропусти во нејзиното работење. Дневник денеска објави дека од СЈО вчера не им одговориле колку вакви лица се ангажирани, за кого точно се работи и колку пари чинат.

„Во изминатиот период користени се услуги од експерти и стручни лица за потребите на ова јавно обвинителство. Правните експерти кои се истакнати правници од правната наука и од практиката од областите на уставното право, кривичното процесно право и други области, дадоа свој придонес во работата на ова јавно обвинителство. Оваа практика на ангажирање експерти и стручни лица ќе продолжи и во иднина“, се вели во извештајот за работата на СЈО.

Слична потврда без имиња и бројки вчера за весникот дала портпаролката на СЈО, обвинителката Ленче Ристоска.

– Од ангажирани експерти имаме професори од факултети, како и пензионирани судии и јавни обвинители. Воедно, имаме ангажирано експерти од специфични области кои исто така доаѓаат од професорската фела, изјавила Ристоска.

Според шестмесечниот извештај од работата на СЈО, од овие пари потрошени се речиси 221 илјада евра. Најголемата ставка во нив се токму договорните услуги, ставката од која најчесто се плаќаат услугите од типот најмување експерти. Според извештајот, за трите почетни месеци кога и немаше практично предмети на кои работеа Јанева и нејзиниот тим, на договорни услуги потрошени се речиси 78.600 евра (4.835.933,00 денари). Овие пари дури и да не се потрошени само на експерти, сепак откриваат дека стручњаците на Јанева имаат висока цена, односно за консултација или за месечно ангажирање наплаќале илјадници евра. Јанева толку пари не потрошила ни за плати за себе, својот тим и за вработените, единствено приближно толку пари (околу 76 илјади евра потрошила само за адаптација на просторот што го најми во центарот на Скопје за да го смести обвинителството).

Договорните услуги се една од најголемите ставки во буџетот на Јанева и во 2016 година. На Јанева за тековната година и беше одобрен буџет од 4 милиони 124 илјади евра. Од овие пари повеќе од четвртина, т.е. 1,31 милион евра се за договорни услуги. Јанева дури предвидела повеќе пари за оваа ставка од ставката за плати, која изнесува нецел 1,2 милион евра, и тоа, според првичниот персонален план, за дури 124 вработени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top