| четврток, 6 декември 2018 |

Со воведување стандарди до поголем економски развој

исо

Македонските компании треба да ја зајакнат својата свест за стандардите бидејќи тоа ќе им помогне да разберат како можат да ги искористат како алатка за постигнување на своите цели во бизнисот. Ова го порача Ружица Јовановиќ Малиновска од Институтот за стандардизација на Република Македонија на денешната прес­конференција во Стопанската комора на Македонија, која посочи дека стандардите се користат за да се подобрат конкурентноста, перформансите, продуктивноста и управувањето со ризиците со кои се соочуваат компаниите, а придонесуваат и за намалување на трошоците, како и за поголем и одржлив развој.

Таа истакна дека стандардот претставува универзален јазик во светот на бизнисот за комплетно разбирање на луѓето во областа на технологијата, економијата и одржливиот развој со кој се поттикнуваат иновациите и се подобруваат услугите.

-Еден европски стандард заменува 33 национални стандарди во Европа и отвора пазар од повеќе од 500 милиони потрошувачи. Токму стандардите можат да им помогнат на компаниите да бидат во согласност со барањата поставени во регулативите на ЕУ, а безбедни и квалитетни производи можат да се пласираат на глобалниот пазар само со примена на барањата кои се пропишани во стандардите – рече Јовановиќ Малиновска.

Стандардите и стандардизацијата, додаде, претставуваат една од основните потреби, услови и претпоставки за успешен развој на македонската економија.

-­ Производите кои се во согласност со стандардите се многу поконкурентни и имаат предност пред оние што не се произведени согласно со стандардите бидејќи потрошувачите ја знаат разликата. Стандардот претставува и патна исправа за учество на отворениот пазар на глобално ниво. Еден производ произведен во Македонија согласно со барањата во стандардот може да биде исто конкурентен како и кој било производ произведен во светот – рече Јовановиќ Малиновска.

Емилија Тодоровска од Стопанската комора на Македонија порача дека стандардизацијата е инструмент на технолошко-економска саморегулација и нагласи дека до пред 20-ина години стандардите се однесуваа само на областите од техниката, но потоа се појави првиот меѓународен стандард за управување или менаџмент кој даде нова перцепција во комуникацијата меѓу бизнис заедницата.

-­ Најчесто применливи стандарди се ИСО 9001 за управување со квалитет, ИСО 22000 за управување со безбедност на храна, ИСО 14001 за управување со животна средина, ИСО 50001 за управување со енергијата, ИСО 45001 за управување со здравјето и безбедноста при работа… Стопанската комора повеќе од десет години активно ги следи современите текови во примената на стандардите во развиените земји на ЕУ и работи на промовирање и на нивна имплементација во Македонија, со цел да даде свој придонес во зголемувањето на конкурентноста на производите и услугите на нашите компании, како и за унапредување на извозот – рече Тодоровска.

Стопанската комора, потенцира, има воведено ИСО 9001 стандард во 161 компанија, ИСО 14001 во 15­-ина, HACCP или ИСО 22000 во 40­-ина и ХАЛАЛ во пет компании. Стандардизацијата за систем, како што посочи Тодоровска, чини од 1.000 до 3.000 евра во зависност од големината на компанијата и од процесите кои се одвиваат во неа.

Прашана зошто е мал интересот за воведување на ХАЛАЛ систем, иако со него за македонските компании се отвора повеќе милионски пазар, Тодоровска прецизира дека пет компании добиле ХАЛАЛ стандард преку Стопанската комора на Македонија, а вкупно во земјава има десетина.­ Министерството за економија нуди субвенции за воведување ХАЛАЛ стандард и компаниите треба да го искористат тоа. Ние неколкупати сме организирале настани на кои сме ги повикале да го воведат стандардот, но, можеби се  доцни зашто за негово издавање сертификација треба да даде ИВЗ.

-Во моментов има доекипирање во ИВЗ и сметам дека со тоа ќе се забрза постапката – рече Тодоровска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top