| четврток, 6 декември 2018 |

Концерт на ансамблот „Кон Темпора“ вечерва на Денови на македонската музика

На четвртата фестивалска вечер од 39. Денови на македонска музика, во Музејот на Град Скопје вечерва, 4 април, ќе настапи ансамблот за современа музика „Кон Темпора“ на Сојузот на композиторите на Македонија (СОКОМ).

На концертот ќе бидат изведени четири дела создадени во 2015 година од композиторите Стојан Стојков, Александар Пејовски, Јана Андреевска и Кокан Димушевски, дело на Вања Николовски-Ѓумар од 2013 година и на Фатос Лумани од 2003 година.

Ансамблот за современа музика „Кон Темпора“ е формиран во 2014 година од СОКОМ со цел да изведува и промовира нови дела од македонски автори, но и на автори од различни делови на светот. Ансамблот има дваесет инструменталисти и, во зависност од репертоарот, настапува во различни инструментални формации.

На вечерашниот концерт ќе учествуваат 11 инструменталисти, под водство на диригентот Иван Еминовиќ.

Премиерниот концерт на „Кон Темпора“ беше одржан во септември 2014 година во рамки на Генералното собрание на Европската асоцијација на композитори и сонграјтери (ЕЦСА) во Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top