| четврток, 6 декември 2018 |

Азербејџан воспостави контрола над голем број населени места во Нагорно-Карабах, 12 војници убиени

BN-NJ297_karaba_P_20160402073313Азербејџан воспостави контрола над голем број стратешки ридови и населени места во Нагорно-Карабах, соопшти азербејџанското Министерство за одбрана.

Во борбите со ерменските сили уништени се шест ерменски тенкови, 15 артилериски лансери и инженерски капацитети и се убиени и повредени над 100 ерменски војници, додаде азербејџанското Министерство за одбрана.

Во борбите, исто така, се убиени 12 азербејџански војници и е соборен азербејџански хеликоптер. Покрај тоа азербејџански тенк наишол на мина.

Министерството соопшти дека има убиени и ранети и меѓу цивилното население, но не соопшти податоци за нивниот број.

Во жестоките судири кои избија меѓу ерменските и азербејџанските сили долж линијата на разграничување во Нагорно-Карабах, убиено е едно момче, додека две деца се ранети, соопшти портпаролот на лидерот на тој регион Давид Бабајан, додавајќи дека станува збор за најжестоки судири од 1994 година.

Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во меѓувреме разговарал со шефовите на дипломатиите на Ерменија и Азербејџан, при што ги повикал на прекин на насилството, соопшти руското МНР.

mapa nagorno karabahПретходно денеска и рускиот претседател Владимир Путин повика на итен прекин на судирите долж линијата на разграничување во Нагорно-Карабах.

– Претседателот Путин ги повикува спротивставените страни веднаш да ги прекинат судирите и да искажат воздржаност со цел спречување нови жртви, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.

Судирите избија во Нагорно-Карабах меѓу азербејџанските сили и бунтовниците од подрачјето во Азербејџан со претежно ерменско население, а властите од двете страни се обвинуваат меѓусебно за кршење на договорот за прекин на огнот.

Нагорно-Карабах, се наоѓа во Азербејџан, но е под контрола на локалните Ерменци и функционира самостојно со силна воена и финансиска поддршка од Ерменија уште од завршувањето на војната за независност во 1994 година.

Ерменското Министерство за одбрана денеска соопшти дека „непријателот, користејќи тенкови, артилерија и авијација, обидувајќи се да продре подлабоко во одбранбената линија на одбранбената војска на Нагорно-Карабах и да заземе тактички позиции. Непријателот е спречен во тоа“.

Судирот во Нагорно-Карабах изби во 1991 година, во време на распаѓањето на Советскиот Сојуз. Примирјето е склопено во 1994 година, но повремено сепак избиваат судири.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top