Денеска во Археолошкиот Музеј на Македонија кој е своевидна панорама на нашето богато минато, на креативниот континуитет, на цивилизациските придобивки и на творечките дострели на предците од далечните столетија на нашата историја, беше отворена новата библиотека на британската фондација „Кирил Трајковски“ која ќе овозможи научната, стручната но, и целокупната македонска јавност да ги прошири и да ги надгради своите сознанија за наследството на нашите простори но, и на регионот пошироко.
-Оваа библиотека чиј корпус го сочинуваат делата од личниот фонд на познатиот македонски археолог и проучувач на средновековната археологија во Македонија Кирил Трајковски, ќе биде голем придонес во едукацијата на младите генерации археолози и стручни лица од областа на заштитата на културното наследство кои токму од овие извори ке црпат информации, научно верифицирани факти, аргументи и толкувања, кои говорат за познатите и непознатите предели од нашето минато, рече министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.
Новата библиотека на Археолошкиот музеј на Македонија содржи 3.500 печатени книги и 30 илјади книги и публикации во дигитална форма, на македонски, англиски, бугарски, германски, француски, српски и хрватски јазик. Дигиталниот библиотечен материјал изобилува со бројни научни трудови од Европа и земјите на Балканскиот Полуостров, од повеќе области: археологија, историја на уметност, музеологија, конзервација, антропологија, епиграфија, нумизматика, архитектура во широк временски интервал, од праисторијата до денеска со особен акцент на Античкиот и Византискиот период. Во рамките на дигиталниот библиотечниот фонд, презентирани се и разновидни периодични публикации, врвни реномирани и респектирани германски, американски и француски списанија, кои датираат уште од крајот на 19 век, а библиотечниот фонд е збогатен и со речници и енциклопедии, топографски карти во повеќе размери, цртежи и фотографии од споменици.
-Со големо задоволство би сакала да истакнам дека бројката на дигитален материјал веќе во јуни оваа година ќе биде надополнета со уште 40.000 нови селектирани и значајни книги и публикации во дигитална форма, а до крајот на годинава вкупниот фонд ќе изнесува 100.000 дигитални дела. Библиотеката е опремена со најсовремена технологија за оваа намена, и во таа насока уверена сум дека таа постојано ќе се надоградува и ќе се развива, истакна Канческа-Милевска.
Новата програмска содржина на Музејот, библиотеката на Фондацијата Кирил Трајковски која е особено активна на полето на едукацијата и култура ќе придонесе за уште поголема промоција на оваа наша национална институција.
-Затоа би сакала да упатам посебна благодарност до директорот на фондацијата „Кирил Трајковски’, г-ѓа Славица Вајт за оваа благородна донација која ќе биде голема придобивка и за Археолошкиот музеј и за нашите граѓани. Благодарност и до амбасадорот Јован Донев за заложбите во презентацијата и афирмацијата на македонската историја и културното наследство во меѓународни рамки, како и до директорката Весела Честоева за воспоставената соработка на Археолошкиот музеј со Фондацијата „Кирил Трајковски“ која на општо задоволство на сите вљубеници во археологијата резултираше со денешното отворање на библиотеката, заврши министерката за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.