| четврток, 6 декември 2018 |

Филмот „Јон Вардар против Галаксијата“ на форум за анимација во Чешка

„Јон Вардар против Галаксијата“ првиот македонски долгометражен анимиран филм ја продолжува својата успешна турнеја по европските и светските пазари за филмска копродукција.

По селекцијата во Софија Митингс во март и Светскиот ден на анимациска продукција во Штутгарт во април, проектот на „Линкс студио“ ќе биде презентиран и на Вишеградскиот форум за анимација во Чешка во мај.

– Во Софија поминавме многу подобро отколку што очекувавме. Добивме понуда за копродукција од 8 земји, како и понуда за дистрибуција од компанија која работи со оскаровци и блокбастери. Мислам дека присутните продуценти го намирисаа комерцијалниот потенцијал на нашиот проект, изјави Гоце Цветановски, автор на сценариото и режисер на проектот.

Марко Угарковиќ, директор на „Линкс студио“, смета дека се на пат да креираат препознатлив македонски филмски бренд.

– Во Вишеград ќе ја презентираме ТВ-серијата за детството на Јон Вардар и неговото пријателство со вонземјанското куче Џестер. Исто така, веќе работиме на дизајнот на неколку видеоигри, а во преговори сме и за изработка на играчки инспирирани од филмот, изјави Угарковиќ.

Според проценките на продуцентот Алан Гонзалез, филмот ќе се работи околу две години. Автор на дизајнот за ликовите и позадините е илустраторот Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а директор на анимација е Бенжамин Хотон.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top