| четврток, 6 декември 2018 |

Македонската, Бугарската и Хрватската берза поврзани преку линк-платформа на ЈИЕ

berza

Македонската, Бугарската и Хрватската берза ќе ги пренасочуваат налозите за тргување преку линк-платформата на ЈИЕ, која денеска беше официјално промовирана во Скопје во рамки на одбележувањето на 20­-годишнината на Македонската берза.

Линк-платформата на ЈИЕ претставува електронски систем за пренасочување на налозите за тргување за околу 400 акции котирани на трите берзи. Платформата е финансиски поддржана од Европската банка за обнова и за развој (ЕБОР) со грант од 540 илјади евра, а сопственичко учество од вкупно 80 илјади евра имаат и трите берзи. Намера за приклучување кон платформата веќе пројавиле Белградската и Љубљанската берза.

Според директорот на Секторот за развој на домашни валути и пазари на капитал во ЕБОР, Андре Кусвек, новата платформа е значајна од неколку аспекти пред се затоа што со неа ќе се овозможи понатамошен развој на пазарите на капитал и регионална интеграција на берзите. Од Македонската берза, која е една од иницијаторите за основање на платформата, посочуваат дека со ова е создадена инфраструктура за регионално пренасочување на налозите за тргување. ­

-На среден рок очекуваме позитивно влијание на зголемување на прометот на сите локални берзи, а за Македонија ова ќе значи една друга новина, поточно на македонските инвеститори ќе им се отворат нови канали за деловни можности, односно инвестирање во странски хартии од вредност- истакна Иван Штериев, генерален извршен директор на Македонската берза.

За Иван Такев од Бугарската берза, новата платформа ќе им овозможи на трите берзи да се развојат од мали во поголеми пазари, а неговата колешка од Загрепската берза Ивана Гажиќ верува дека платформата ќе доведе до многу подобра иднина на пазарите на капитал. Од 1 април се очекува да се воведат два индекса SEE LinX i SEE LinH EWI коишто ќе придонесат за зголемување на видливоста на регионалните пазари.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top