| четврток, 6 декември 2018 |

Нови авиолинии од Скопје за Берлин, Копенхаген и Братислава

авио

Нискобуџетната авиокомпанија „Визер“ со летниот ред на летање којшто почнува од денеска од Скопскиот аеродром воведува летови кон Берлин, Братислава и Копенхаген двапати неделно.

Кон Берлин ќе сообраќа во вторник и во сабота, а цената на билетот ќе изнесува од 1.199 денари, кон Братислава во понеделник и во петок, а кон Копенхаген во среда и во недела, до кои дестинации билетот ќе чини од 899 денари, односно 1.499 денари.

На денешната промоција на авиолиниите од „Визер“ за од 20 јуни годинава најавија нова линија од Скопје до Хамбург, што ќе биде замена за досегашната линија до аеродромот Лубек. Со „Визер“, со која македонската Влада од 2012 година има постигнато договор за финансиска поддршка за воведување нови авиолинии, е постигнат и договор за вработување македонски пилоти.

Во програмата на „Визер“ со која што е овозможена обука за професионални пилоти за воздухопловите „Ербас 320“, како што информира ресорниот министер Владо Мисајловски, се обучуваат четворица македонски пилоти.

­ Трошоците за обуката, односно за стекнување соодветна дозвола на почеток се на товар на компанијата. По обуката откако пилотите ќе се вработат во компанијата трошоците ќе се одбиваат од нивната плата во период од 30 месеци. По три години вработените пилоти ќе можат да си повратат 50 проценти од овие трошоци. Досега во оваа програма успешно се обучуваат четворица македонски пилоти, рече Мисајловски, дополнувајќи дека станува збор за добра можност за едукација на наши пилоти во странство.

Директорот за летечки операции во „Визер“ Давид Морган информира дека покрај досега вработените 75 лица од Македонија на различни позиции авиокомпанијата го поддржува потребниот транзит на лиценците на македонските пилоти за да можат да бидат ангажирани во „Визер“.

Со трите нови линии од Скопскиот аеродром, според ресорниот министер, е создадена можност преку поволни цени на билетите да се посетат Берлин, Копенхаген и Братислава во функција на развој на економијата, образованието, културата, здравството, туризмот.

-Преку финансиската поддршка што „Визер“ ја добива од Владата од 2012 година се воведени 23 линии со европските градови. ­ Очекувам оваа бројка дополнително да се зголемува за што потврда ни даваат и податоците за првите два месеца од годинава со раст од 28 проценти на бројот на превезени патници- рече Мисајловски, нагласувајќи ја важноста и од најавата од „Катар ервејз“ за воведување лет на релација Скопје – Доха од октомври.

Генералниот директор на ТАВ Македонија Зоран Крстевски нагласи дека со линиите до Берлин, Копенхаген и Братислава се зголемува од 11 на 14 бројот на главни градови со кои Скопје е воздушно поврзано во Европа. ­ -Сите авиолинии ќе бидат користени од граѓаните на Македонија, туристите, бизнисмените, нашата дијаспора- рече Крстевски.

Како што посочи словачкиот амбасадор во државава Мартин Безак, Братислава и Скопје првпат се поврзуваат со директна авионска линија во 22­годишната историја на дипломатските односи меѓу двете држави. Убеден е дека новата линија ќе биде економски одржлива, ќе го поттикне бизнисот, туризмот и патувањето. ­ Воведувањето на директната линија Скопје – Братислава ќе го скрати времето на патување на час и половина, што е еднакво на патот од Скопје до Гевгелија со автомобил. Ако денес говориме за неколку илјадна туристичка размена меѓу Словачка и Македонија на годишно ниво, верувам дека наскоро ќе зборуваме за 10.000 туристи, бизнисмени, како и студенти и млади луѓе кои ќе користат удобно патување за прифатливи цени, рече амбасадорот Безак. Од „Визер“ информираа дека со новите авиолинии имаат повеќе од милион седишта на располагање за годинава, што претставува пораст на капацитетот за 22 процента споредено со минатата година. „Визер“ опслужува нискобуџетни линии до 24 дестинации од Скопскиот и Охридскиот аеродром во 11 држави. Во јануари годинава регистрираше два милиона патника во Македонија од почетокот на операциите во 2011. Како што информира раководството на концесионерот на македонските аеродроми ТАВ Македонија, порастот од 22 проценти на бројот на патници на аеродромите во Скопје и во Охрид во минатата година продолжил и од почетокот на годинава. Во првите два месеца од годинава преку двата македонски аеродрома биле превезени 219.378 патника што е пораст од 28 проценти во однос на истиот период лани. Бројот на полетувањата и слетувањата, пак, е зголемен за 15 проценти

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top