СЈО се прогласува за ненадлежна за сите нелегални снимени телефонски разговори, иако името кое го носи е „Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на незаконското следење на комуникациите“. Всушност одговарајќи на новинарско прашање, обвинителката Ленче Ристовска, прашана за разликите во изјавата која ја даде лично Зоран Заев за бројот на предадени разговори, со оние наведени во извештајот на СЈО, нагласи дека СЈО е „погрешна адреса“.
– Тоа се податоци коишто ни се нас дадени. Дали постои друг обем на разлика, дали некој нешто доставил, не доставил, тоа не е прашање што треба нас да ни го адресирате. Мислам дека на погрешна адреса го упатувате прашањето со оглед дека ние објаснивме и во извештајот точно за содржината, истакна Ристовска.
Таа повтори дека до СЈО се доставени и дека примиле 540 илјади прислушувани разговори, за кои има составен записник на 619 страници.
Дали СЈО сега е „погрешната адреса“, ќе беше валидно доколку веднаш се направеше записник. Во моментот на предавање на материјалите, не беше изготвен записник, а Катица Јанева се обиде да „протне“ административна процедура дека СЈО не е обврзано да направи записник. Сепак потоа, според извештајот за работа на СЈО, Јанева сама дала наредба да се направи записник, но дури десетина дена подоцна.
Разликите во бројот на снимени разговори кои, како тврди лично Заев, и биле предадени на Јавена, и бројот на разговори наведени во пописот на примените материјали, почнаа да излегуваат на површина низ разноразни социјални мрежи. Притоа не се работи за 5 или 50 аудио материјали, туку за цели 500.000 материјали од незаконското следење на комуникациите. Тоа сепак, е дел од опфатот на работа на СЈО.
Прашањето кое сега се поставува е зошто Јанева не покрене акција и за обезбедување на сите материјали кои, доколку и се верува на збор, не се кај неа? Одговорот е повеќе од јасен: во тој случај Јанева ќе треба да „тргне“ против Зоран Заев, со кој е во постојана координација уште од почетокот на работата на ова Обвинителство.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.