Македонската фудбалска репрезентација во вторник на арената „Филип Втори“ со почеток од 19 часот ќе го одигра првиот натпревар во 2016 година на домашен терен. Во пријателски дуел „црвено-жолтите“ ќе ги одмерат силите со селекцијата на Бугарија, а селекторот Игор Ангеловски, иако искажува респект кон противникот, посакува триумф. По поразот од Словенија (1-0), македонските фудбалери посакуваат триумф на претстојниот меч.
– Ја респектираме Бугарија, видовме дека станува збор за квалитетна репрезентација, која ја победи Португалија, и ќе сториме се за да победиме. Ја повикувам публиката да дојде и да не поддржи. Резултатот е на прво место, ќе бидеме максимално борбени, агресивни, се со цел да оствариме триумф. Нема да биде лесно, меѓутоа добро работевме во изминатите неколку дена и очекувам во добро издание да се претставиме на овој меч – истакна селекторот Ангеловски на денешната прес – конференција.
Селекторот до детали ја има анализирано играта на Бугарија, но, сепак, потенцира дека најважно му е изданието што ќе го прикаже македонскиот национален тим.
– Важна ми е компактноста на Македонија, нашата агресивност. Ги респектираме Бугарите до почетокот на натпреварот, но штом ќе почне мечот, само победа ќе ни биде во мислите – дополни Ангеловски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.