| четврток, 6 декември 2018 |

Католиците утре го празнуваат Велигден!

Според календарот на католичката црква денес е Велика Сабота, ден пред Христовото воскресение и за нив утре е најголемиот христијански празник Велигден.

Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов по повод празникот Велигден што в недела (27 март) го слават граѓаните со католичка вероисповед, денеска упати велигденска честитка.

– Драги браќа и сестри, Велигден е врв над сите празници, но сепак ќе споменам дека тоа не е сеќавање, тоа не е споменување на нешто што поминало, туку тоа е настан кој и денес овде ни се покажува, а тоа е дека Воскреснатиот Исус сака средба со секој од нас. За таа средба од негова страна е покажаната силна љубов кон секој човек, а од наша страна вера и доверба дека сме способни да веруваме во тој нов свет кој Тој го оствари во себе.

Христовото воскресение е темел на секоја човечка надеж и смисла на нашето постоење, бидејќи јасно ни говори дека овде на земјата, во оваа ограничено изнемоштено тело не сме сосема дома. Не очекува преобразба на телото и влез во царството на бесмртноста за кое Тој со своето Воскресение ни ја отвори вратата.

Ме радува фактот што во источната традиција нашите браќа во воскресно време се поздравуваат со зборовите на верата: Христос воскресе! Одговорот е вернички: Навистина воскресе! Така празнувајќи Велигден не го празнуваме на второто ниво, туку на првото а тоа е светот на верата. Затоа тој кој не е верник, всушност, не може да слави Воскресение.
Литургијата овие денови е обнова на нашата вера и предание на Бога за да можеме во светот да бидеме сведоци на Неговата присутност. Во тие мисли на сите христијани и тие кои сакаат да се придружат на нашето празнување, им го честитам денот во кој Христос започна во светот и во нас нов живот. Христос Воскресе!, се вели во велигденската честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.

По тој повод за припадниците на католичката вероисповед во Република Македонија, понеделник 28-ми март е неработен ден, информираат од Министерството за труд и социјална политика.

Православните верници пак, Велигден оваа година ќе го чествуваат на 1-ви мај.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top