Според календарот на католичката црква денес е Велика Сабота, ден пред Христовото воскресение и за нив утре е најголемиот христијански празник Велигден.
Бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија Киро Стојанов по повод празникот Велигден што в недела (27 март) го слават граѓаните со католичка вероисповед, денеска упати велигденска честитка.
– Драги браќа и сестри, Велигден е врв над сите празници, но сепак ќе споменам дека тоа не е сеќавање, тоа не е споменување на нешто што поминало, туку тоа е настан кој и денес овде ни се покажува, а тоа е дека Воскреснатиот Исус сака средба со секој од нас. За таа средба од негова страна е покажаната силна љубов кон секој човек, а од наша страна вера и доверба дека сме способни да веруваме во тој нов свет кој Тој го оствари во себе.
Христовото воскресение е темел на секоја човечка надеж и смисла на нашето постоење, бидејќи јасно ни говори дека овде на земјата, во оваа ограничено изнемоштено тело не сме сосема дома. Не очекува преобразба на телото и влез во царството на бесмртноста за кое Тој со своето Воскресение ни ја отвори вратата.
Литургијата овие денови е обнова на нашата вера и предание на Бога за да можеме во светот да бидеме сведоци на Неговата присутност. Во тие мисли на сите христијани и тие кои сакаат да се придружат на нашето празнување, им го честитам денот во кој Христос започна во светот и во нас нов живот. Христос Воскресе!, се вели во велигденската честитка на бискупот скопски и апостолски егзарх во Македонија, Киро Стојанов.
По тој повод за припадниците на католичката вероисповед во Република Македонија, понеделник 28-ми март е неработен ден, информираат од Министерството за труд и социјална политика.
Православните верници пак, Велигден оваа година ќе го чествуваат на 1-ви мај.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.