Во пресрет на главната туристичка сезона, Асоцијацијата на готвачи на Република Македонија „Гастромак“, ќе почне со нови обуки за традиционални готвачи.
Обуката ќе тргне од Охрид, како најрепрезентативен туристички центар во земјата, а ќе продолжи во сите градови, особено во делот на хотелиерството и на ресторанската услуга.
– Институционално сакаме да направиме курсеви за обука за старата традиционална кујна што ја имаме, но и за модерната. Тука спаѓа и вегетаријанската храна, во последно време и веганската кујна, која е сè попопуларна. Наша интенција ќе биде да основаме школа за готвачи, која ќе биде отворена за сите граѓани на Република Македонија. На прагот на туристичката сезона во Охрид, се надеваме дека ќе излеземе со првите резултати – најави Кристина Бетинска, секретар и одговорна за односи со јавноста на „Гастромак“.
„Гастромак“ е асоцијација на готвачи на Македонија, регистрирана пред неколку месеци. Здружението е во фаза на согледување на потребите на гастрономијата во Македонија.
Здружението во својата мисија соработува со асоцијацијата на хотелитерите на Македонија, ХОТАМ.
– Тие најдобро можат да ги детектираат проблемите и да се изработи стратегија, а со програми да помогнеме меѓусебно. Културата кон храната треба да ја подигнеме на едно повисоко ниво. Тоа се учи од мали нозе, од седењето на маса, собирањето на семејството, од значењето на предјадењето, кое има поврзаност и потекнува токму од нашата стара традиција, гостинот прво да се пречека со лепче и со сол, па слатко, па потоа доаѓа главното јадење – појаснува Бетинска.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.