Бројот на новооткриени случаи со карцином на дебелото црево се зголемува. Ако до пред 10 години годишно биле откриени околу 350 до 400 пациенти, сега тој број изнесува меѓу 500 и 600 новозаболени. Кај две третини од нив болеста е откриена во трет или четврти стадиум. Тоа се поразителни факти со кои се соочуваме.
Ова денеска го изјави деканот на Медицинскиот факултет и абдоминален хирург Никола Јанкуловски пред почетокот на едукативната трибина за одбележување на светскиот месец за ракот на дебелото црево и гастроинтестиналните видови на рак, што се одржа во организација на Здружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“.
Директорот на Клиниката за радиотерапија и онкологија, Милан Ристевски рече дека им требаат се уште лекови од поновата генерација кои го менуваат преживувањето, го менуваат периодот до прогресија на болеста, овозможуваат подолготрајно преживување со подобар квалитет на живот.
Посочи дека пациентите сега се лекуваат со она што е достапно на позитивната листа. Во однос на таргетираната терапија, нагласи, дел од стратегијата е направен и треба да се имплементира стратегијата.
– Не даваме лекови кои не делуваат. Постарите генерации на лекови ни од далеку не се така толку опсежно испитувани во однос на тоа што е таргетирано делување. Ако ги земеме иницијално неоперабилните колоректални карциноми при терапија со фолфокс односно капеокс едвај 5 отсто доаѓаат во позиција на ресектибилност на таа метастатска болест на црниот дроб. Со новите терапии таа стапка се подигнува на 15 отсто, што е одличен императив. Значи вие веќе од пациент кој се наоѓа во метастатски сетинг произведувате пациент кој може да го излекувате на одредено време, истакна Ристевски, пренесува МИА.
Претседателот на Зружението за борба против рак „Борка – за секој нов ден“, Биба Додева истакна дека го одбележуваат светскиот месец за борба против колоректалниот карцином и се приклучуваат на глобалната акција за подигнување на свесноста за овој вид малигном.
– Во Македонија состојбата за лекување на оваа болест е на ниско ниво во однос на терапиите, што значи дека стандардната онаа основната терапија ја нема, не е на позитивната листа, рече Додева.
Според неа, треба да се имплементира скрининг програмата затоа што досега функционира само опортунистичкиот скрининг.
– Она што се препораките според сите здравствени светски организации е дека имплементираниот скрининг може да спаси живот. Лобираме да се постават малигните заболувања како приоритет во здравствениот систем на Владата на Република Македонија, додаде Додева.
Јованка Костовска од Министерството за здравство рече дека со скринингот или со раното откривање на колоректален карцином почнале кон крајот на 2012 година и досега околу 22.000 лица го направиле, над 7.000 биле позитивни, но со дополнителни тестови кај 198 лица е откриен или полип или карцином. Над 30 карциноми, посочи, се веќе откриени со скринингот.
– Оваа бројка не е задоволителна. Треба многу повеќе лица да се јавуваат на овој скрининг кога веќе ги имаме бесплатните тестови. Сега размислуваме за осовременување на скринингот дали понатаму да оди преку матични лекари или дополнително со допис на име на пациент да го повикаме, едноставно да го зголемиме процентот на луѓе кои ќе сакаат да се јават на овој скрининг. Проблем беше и дополнителното испитување или колоноскопија. Токму затоа четири колоноскопи веќе се обезбедени, посочи Костовска.
Дополнително, нагласи, ќе бидат обезбедени колоноскопи за да не мора луѓето да чекаат за дополнителни испитувања, да може навреме да се докаже за што се работи и навремено да се оперира.
– Здравиот начин на живот, здравата исхрана, повеќе зеленчук, житарици, помалку црвено месо, повеќе физичка активност, избегнување на алкохол и цигари, многу го намалува ризикот од појава на карцином на дебелото црево, додаде Костовска.
Асистент професор по нуклеарна медицина Марина Ходолиќ, супервизор за клинички истражувања при Медицинскиот факултет Оломоу во Чешка, истакна дека и претставува задоволство што слушнала дека во крајот на годинава во рамки на јавното здравство во Македонија ќе има позитронско емисиона томографија односно, како што рече, една многу модерна камера за дијагностика на функциски процеси.
За разлика од радиологијата која се занимава со морфолошките и анатомските промени, потенцира, нуклеарната медицина се занимава со функциските промени.
– Ние го гледаме ракот кога тој почнува да живее. Тоа е техника со која се бележат процесите во целото тело и добиваме одговор за ситуацијата на целото тело. Добрата дијагностика е почеток бидејќи ако нема добра дијагностика нема добро лекување, додаде Ходолиќ.
Одговарајќи на новинарско прашање Ристевски рече дека екстрактите на канабисот ни од далеку не се така опсежно испитувани како што се испитуваат оргинаторните лекови.
– Со ова ниво на студии, на испитувања за да го стигнат нивото на сознанија што го имаме за оргинаторните лекови ќе требаат 20 години. Значи уште сме во стадиум на испитувања на рецептори на сигнализација каде што како делува. Значи многу време ќе помине, додаде Ристевски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.