Кои се доказите на кои се базираа сомненијата за случај против Вас во „Титаник“?
ЈАНАКИЕСКИ: СЈО сѐ уште на нашиот тим бранители не му ги дава на увид сите тие евентуални докази што би ги имало обвинителството. Но, според наредбата за поведување истрага за мене лично, не беа презентирани какви било материјални докази врз кои би барало притвор, ниту, пак ,зошто почнува истрага.
СЈО бара одговорност затоа што смета дека сум бил шеф на изборен штаб за општина Центар. Истакнувам дека воопшто не постои такво решение, ниту еден материјален доказ дека јас сум бил шеф на изборен штаб, ниту, пак, постои таква функција во органограмот на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Значи, ме обвинуваат за нешто што воопшто не постои.
Во самата наредба, дел од лицата што, наводно, јас сум ги организирал, јас воопшто не ги познавам. Исто така, интересно беше да се увиди дека едно лице е осомничено само врз еден исказ, што, навистина, сметам дека е недозволиво.
Што се однесува на самата прес-конференција на СЈО, според мене, беше театрална, без да се наведат какви било аргументи или докази. Тоа за мене е класична политичка пресметка кон членови на ВМРО-ДПМНЕ, што е недозволиво бидејќи Специјалното обвинителство треба да биде непристрасен орган, кој ќе донесува одлуки и ќе поведува постапки исклучително врз база на материјални докази.
СЈО е производ на политички договор на сите потписнички на Договорот од Пржино, каде што потписник е и ВМРО-ДПМНЕ. Интересно е што беше побаран притвор, и сами наведовте, па врз основа на кои аргументи беше побарана оваа мерка, ако немало материјални докази?
ЈАНАКИЕСКИ: И во таа постапка СЈО покажа двојни аршини. За еден претходен случај, за господинот Зоран Верушевски побара ослободување од притвор, а за нас побара притвор. Предочи два аргумента за изрекување мерка притвор. Првиот беше дека јас можам да влијаам врз сведоци. Сакам да истакнам дека лани во август, бидејќи кривичните пријави од СДСМ беа претходно поднесени, јас дадов исказ во ОЈО и тогаш ни беа предочени кривичните пријави од СДСМ.
Ако сум сакал да влијаам врз сведоци, тоа можев да го направам од август сѐ до овој момент. Но јас ниту планирам ниту сум го правел тоа.
Вториот аргумент на СЈО беше дека сум можел да уништувам материјални докази, тука сметаа на избирачките списоци што беа приложени за целиот случај што го нарекоа „Титаник“, а можевме да видиме дека тие се наоѓаат во самиот суд. Не знам како од оваа позиција, кога не вршам никаква јавна функција и немам никаков допир до тие материјали, би можел да уништувам списоци. Како замислува дека јас можам да влезам во судот и да ги земам и уништам материјалите. На крај судот ги прифати аргументите и тезите на моите бранители и не изрече мерка притвор.
Најверојатно со оваа постапка СЈО, во координација со СДСМ, сака на истакнати членови од ВМРО-ДПМНЕ да им се одреди притвор, а потоа да работи на случаите, па ако има нешто да поведе обвинение, а ако нема да ни соопшти дека направило грешка и да ни овозможи да бидеме на слобода.
Зошто конкретно за Вас се побара притвор, особено ако се има предвид дека уште во декември СЈО оцени дека нема потреба за притвор на Верушевски, кој веќе беше во притвор за случајот „Пуч“.
ЈАНАКИЕСКИ: Како што кажав и претходно во овој случај, СЈО има двојни стандарди. Тоа беше едно од тие негови дејства со кои зазеде политичка страна и покажа пристрасност кон СДСМ, што не е добро за него. Јас очекувам дека во иднина нема да го повтори тоа.
Како ги коментирате изјавите во медиумите блиски до СДСМ, но и на самиот партиски лидер Зоран Заев, во кои се најавуваа обвиненија и барања за притвор, се прејудицираа мерките?
ЈАНАКИЕСКИ: Во многу настапи и многу дејства и говори на опозицијата или во колумни на Бранко Геровски, на Љубомир Фрчкоски и на други, тие ги најавуваат активностите што потоа ги извршува СЈО. Тоа изгледа како Заев да диригира, а специјалното обвинителството да свири. На пример, Заев во говор во скопски Капиштец најави дека во следниот период СЈО ќе излезе со случајот „Изборни нерегуларности“ и тоа се случи. Овие денови во „Слободен печат“, медиум близок на опозицијата, најавуваат дека во следниот период СЈО ќе излезе со случајот „Космос“, но, исто така, и самиот инвеститор на една телевизија го најави истото. Значи можеме да претпоставиме дека прават подготовки на јавноста за следниот случај т.е, „Космос“.
Оттука, јасно може да се види директната спрега меѓу СЈО и СДСМ.
Го споменавте „Космос“. Кружат информациите за тој случај, но за што станува збор?
ЈАНАКИЕСКИ: За случајот „Космос“ веќе имам дадено исказ во Основното јавно обвинителство. Инаку, станува збор за класична дивоградба. И треба да се третира како секој нелегален објект. Не знам зошто се прави разлика меѓу објектот „Космос“ и која било друга дивоградба што е урната во Македонија.
За „Космос“ има донесено решение за уривање од страна на Општина Гази Баба и тоа е потврдено од управниот суд. Исто така, самиот инвеститор веднаш по донесувањето на решението за уривање побара одобрението за градење за да се измени точно во тие делови во кои Општината утврдила дека гради нелегално. Имено, инвеститорот сакаше да изгради едно ниво помалку на паркинг со цел да заштеди неколку милиони евра, и со тоа цел објект е почнат да се гради со 1,5 метар повисоко од потребното со што можеме да утврдиме дека, според законот, целиот објект е дивоградба.
Во интервјуто за една ТВ, инвеститорот сакаше да истакне дека еден и по метар не било многу, но дивоградба е дивоградба и така треба да се третира, без разлика кој е инвеститор. Овој случај е правно кристално чист и Општината има постапувано во согласност со законот. Очекувам дека СЈО многу внимателно ќе го разгледа овој случај и на крај ќе поведе кривична постапка против инвеститорот бидејќи тој градел спротивно на одобрението за градење, што во согласност со законот за градење е кривично дело.
Во оваа пригода сакам да нагласам дека Министерството за транспорт и за врски во тоа време ја има одбиено само жалбата за барањето за измени во текот на градба бидејќи стручните лица утврдија дека тоа што го бараше инвеститорот како измена во градбата е веќе изведено и со тоа инвеститорот уште еднаш го верификуваше своето диво градење.
Да се вратиме на однесувањето на обвинителите од тимот на Јанева. Дадовте изјава во предистражна постапка, имавте контакти со нив. За нив веќе има неколку пријави за лошо однесување. Кое е вашето искуство со нив?
ЈАНАКИЕСКИ: Од тоа што можев да го прочитам, кон другите лица, навистина, се однесувале спротивно на законот. Нивната цел, веројатно, била на кој било начин да извлечат изјави бидејќи немаат материјални докази, па врз база на тие изнудени изјави да оформат кривично дело. Тоа што сакам да го споделам е еден интересен момент што се случи во просториите на судот каде што се задржавме подолго време. Една од обвинителките ми пристапи, и додека разговаравме, на моето прашање зошто бараат притвор, кога знаат дека немаат никакви аргументи ниту материјални докази, почна да се однесува арогантно и цинично, при што со потсмев ми се обрати со зборовите: „Знаеш ли Цацко како вика: Што мислеше, што мислеше“. Ова не само што беше неочекувано за мене, туку беше и сосема несвојствено однесување за една обвинителка што долго време работи во оваа област.
Вие веќе десетина месеци не сте на функцијата министер во МТВ. СДСМ не побара функција во ова министерство, а сведоци сме на случувањата во министерствата во кои постојат двојни функции. Може ли, од овој аспект, да дадете оценка како сега работи Министерството?
ЈАНАКИЕСКИ: Министрите и замениците од редовите на СДСМ гледаат само што е можно повеќе да ја запрат работата на институциите преку поднесување многубројни неаргументирани кривични пријави, партиски назначувања кадри, но и незаинтересираност за реализација на проекти. Едноставно, прават хаос во самите институции. Притоа, за жал, не понудија ниту еден нов проект, ниту едно ново законско решение, нешто што ќе го подобри животот на македонскиот граѓанин. Впрочем, никој не го ни очекуваше тоа од СДСМ бидејќи тоа не е неговиот начин на работа, не е научен да работи на проекти, тоа што е препознатливо за ВМРО-ДПМНЕ. Се сеќавам СДСМ имаше тематски конгрес за неговата програма, а јавноста ниту виде ниту слушна за неговата програма.
Сакам да нагласам дека Министерството за транспорт и за врски, кое го раководев повеќе од девет години, има еден одличен тим, кој знае како се реализираат проекти. Министерството сега го раководи лице што претходно беше државен секретар, но беше и директор на Агенцијата за државни патишта, така што заедно со тој одличен тим го продолжија континуитетот на реализација на многубројни проекти што во најголем дел се од програмата на ВМРО-ДПМНЕ.
Во овој период се реализираат огромен број проекти, но се почнуваат и нови. Интензивно се градат трите автопатишта каде што во моментов работат околу три илјади лица, проект што јас го почнав, но голем придонес во него имаше сегашниот министер, како директор на агенцијата. Паралелно се гради пругата кон Бугарија, голем број локални и регионални патни правци, но и водоводни и канализациски системи . Сведоци сме дека пристигна и третиот нов патнички воз во Македонија, а до јуни се очекуваат да пристигнат и другите. Се отворија голем број нови авиолинии кон повеќе од дваесет европски дестинации, почна изградбата на магистралната гасоводна мрежа кон Штип, а наскоро се очекува да почне изградба и на гасовод до Неготино и до Тетово. Сакам да нагласам дека, за разлика од министерствата во кои има луѓе од СДСМ, ова министерство работи со едно забрзано темпо на реализација на проектите и на исполнување на програмата без никакви пречки.
На крајот, како очекувате да заврши сето ова?
ЈАНАКИЕСКИ: Се надевам дека на крајот на денот аргументите и доказите ќе победат и ќе се докаже дека ние не сме направиле никакви кривични дела и дека ова е само една политичка хајка против членовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Разговараше: Наум Стоилковски
Фото: Александар Ивановски
(Интервјуто со Миле Јанакиески е објавено во 185. број на неделникот Република, 18.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.