Република Македонија ќе се претстави на манифестацијата „Денови на македонската култура“, која се одржува во рамки на Меѓународниот филмски фестивал во Едрене, Турција.
Ова на денешната прес-конференција го соопшти државниот секретар во Министерството за култура Бехиџудин Шехаби.
– Во рамки на манифестацијата која се одржува од 25 до 28 овој месец, нашата држава ќе се претстави под мотото „Денови на културата на Македонија и македонското – турско филмско ателје“, со настапот на членовите на Ансамбл за народни игри и песни на Македонија „Танец“, албанското фолклорно здружение „Каршијака“, Агенцијата за филм на Република Македонија, Кинотеката на Македонија и Институтот за културно и духовно наследство на Албанците, рече Шехаби.
Во Турција ќе бидат претставени културните богатства на Република Македонија во неколку дејности-филм, фолклор и културно-историско и духовно наследство. „Танец“ и „Каршијака“ пред присутните ќе се претстават со дел од најпознатите песни и ора од нивниот репертоар.
Во рамките на манифестацијата ќе бидат прикажани 14 документарни и 12 долгометражни филма од македонски и албански автори, поддржани од Агенцијата за филм на Република Македонија.
Во соработка со Кинотеката на Република Македонија ќе биде организирана и изложба на браќата Манаки, со цел запознавање на присутните со ликот и делото на првите сниматели на Балканот.
На панел дискусијата свое обраќање ќе имаат директорката на Агенцијата за филм Мими Ѓоргоска – Илиевска која ќе говори на тема: „Перспективата на соработката меѓу македонската и турската продукција“, како и директорот на Институтот за културно и духовно наследство на Албанците Скендер Асани. Ѓоргоска-Илиевска рече дека на фестивалот во Едрене ќе биде прикажано дел од творештвото на браќата Манаки, дел од насловите на Љубиша Георгиевски, Столе Попов, како и современи македонски остварувања.
Директорот на Ансамблот за народни игри и песни на Македонија „Танец“ Зоран Џорлев појасни дека се подготвуваат за голема турнеја, од 14 дена во Дубаи и додае оти за таа цел во Турција ќе настапи фолклорното студио „Блажевски“, кои се подготвени под нивно менторство.
Учеството на Македонија на оваа манифестација е финансиски поддржано од Министерството за култура на Република Турција, а е во организација на Меѓународниот филмски фестивал од Едрене.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.