Режисерот Џанкарло дел Монако на сцената на Македонската опера и балет ја поставува „Турандот“. Дел Монако дебитира на оперската сцена во 1965 година, кога во Сиракуза ја постави „Самсон и Далила“. Неговите оперски продукции се поставуваат насекаде низ светот, на сцените во Берлин, Монако, Виена, Цирих, Барселона, Мадрид… Режира и на сцената на њујоршката опера „Метрополитен“, каде што дебитира во 1991 година. Добитник е на низа значајни оперски награди за своите режиски видувања на најпознатите музичко-сценски дела.
Пучиниевата „Турандот“ досега ја има поставувано на неколку оперски сцени во светот.
Кажете ни нешто повеќе за Вашите искуства додека работевте на „Турандот“ во Македонската опера и балет.
ДЕЛ МОНАКО: Јас сум многу добар пријател на Игор Дурловски, директорот на МОБ, и ова е негова прва премиера, па сите ние се трудиме да се направи добра премиера. Сакам да истакнам дека досега многу пати сум бил на овие простори, во поранешна Југославија: Хрватска, Србија, Црна Гора, а во Скопје бев кога имав 27 години, или 26 години. Доста патував во Југославија кога бев млад бидејќи татко ми беше многу познат тенор и добар пријател на претседателот Тито. Татко ми правеше многу концерти за Тито во Бриони, во Белград, во Загреб… Поранешна Југославија беше прекрасна земја од Словенија до Македонија, многу знаев за таа земја и тажно е што се распадна. Имам многу убави спомени од Македонија и од другите југословенски региони. Сега, јас сум повторно во Македонија бидејќи Дурловски ми понуди да ја отвори својата прва продукција во неговиот мандат како директор на МОБ со моја режија. Проблемот на овој театар е тоа што не е богат театар, тој е, да речеме, сиромашен театар, но дури и кога немате пари може да се направи нешто добро, многу професионално и интересно. Претпоставувам дека кога немате пари, може да бидете поинтересни отколку кога имате многу пари. Кога немате многу пари треба многу да го користите мозокот и вашите капацитети, така што токму тоа се обидуваме да го направиме тука. Досега, добро ни оди. Карлос е многу добар, како и маестро Мартин Енге, кој е мој партнер, диригент и мој стар пријател, кој го знам многу добро. Многу е важно да се собере добра екипа за да се направи добра премиера.
Што најмногу Ве фасцинира во „Турандот“. Што Ви е најголема инспирација: музиката, приказната, пеењето, глумата?
ДЕЛ МОНАКО: Сѐ што наброивте. „Турандот“ е ремек-дело на италијанската музичка литература и ова е последната опера на Пучини. Како што знаете, финалето не е на Пучини затоа што тој умира, ја довршува Алфано, но се базира на една италијанска бајка на Гоци. „Турандот“ е многу драматично дело, но, исто така, и многу смешно дело, бидејќи Пинг, Понг и Панг се смешни ликови. Тоа е исто како во животот, може да ве насмее, но и да ве расплаче. Но, треба да се истакне дека тука постои и мала доза на грчка трагедија.
Како би ја опишале Вашата поврзаност со „Турандот“. Кој лик е тој што Ве води?
ДЕЛ МОНАКО: Во „Турандот“ има интересни ликови. Веројатно најинтересни се првите три: Пинг, Понг, Панг. Главна е Турандот. Таа е фригидна, студена личност што им се одмаздува на мажите бидејќи нејзината прапрапрабаба била силувана од страна на непознато лице. Па така, таа сака да ја одмазди преку сите принцови што сакаат да се оженат за неа. Таа ја измислила идејата за трите загатки и тој што ќе успее да ги реши ќе може да се ожени за неа, а тој што нема да успее да ги реши, ќе умре. И трите загатки се многу интересни бидејќи се базираат врз личноста на Турандот. Непознатиот принц Калаф, тенор, всушност е човек што ја загубил империјата со својот татко и се нашол во Пекинг каде што ја запознава оваа жена и се вљубува. Тој апсолутно сака да ја има. Врската меѓу Турандот и Калаф е интересна бидејќи таа не сака маж, а тој ги сака неа и нејзината империја. Таа е ќерка на царот на Кина, а тој веќе загубил една империја и сака да ја освои оваа империја, Кина, која е поголема од империјата што ја загубил. Неговиот татко е слеп. Во тоа време било вообичаено кога некој ќе ја загуби војната да биде ослепен како губитник со многу жежок метал. Всушност, и во вашата историја имате таков пример со војската на цар Самоил. Со ослепувањето на моќните луѓе, практично, тие не се убивале, но не можеле да прават ништо бидејќи се слепи. Тоа е судбината на таткото и тој е најдискретниот лик. Лиу е негова верна робинка, која е вљубена во тенорот, бидејќи ѝ се насмевнал некогаш. И поради тоа, таа вели дека ќе направи сѐ што може за да му помогне. И сега, што се случува, тој се наоѓа меѓу робинката и моќната жена. Калаф е моќен човек, но никој не го знае неговото име. Тој успева да ги реши трите загатки и Турандот е многу лута поради тоа, но тој ѝ вели: Не лутете се, јас ќе ви дадам уште една шанса да ме убиете, погодете го моето име до зајдисонце. Таа гледа шанса во тоа и ги мачи таткото на Калаф и Лиу. Лиу, не можејќи да го издржи измачувањето се самоубива во име на љубовта. Тоа е многу интересна ситуација. Лиу, е всушност, големиот љубовен протагонист во ова дело.
Како влијае Вашата режија на приказната „Турандот“? Дали нешто се дополнува? Како ќе ја раскажете приказната?
ДЕЛ МОНАКО: Постојат многу начини за да се раскаже една приказна. Може да се раскаже на реален начин, може да се раскаже на надреален начин, како бајка, како драматична приказна, или може да се стави акцент на комично-драмската ситуација на делото. Ние го избравме театралното чувство на грчката трагедија со кинеска заднина. Тоа е тоа што се обидуваме да го направиме. Значи, имаме кинески ефекти, ефекти од јапонскиот театар и, исто така, ефекти од кинескиот театар. Голем контраст, смешен контраст.
Како успевате да им го доближите ликот на пејачите? Или доколку гледате дека пејачот го доживува ликот поинаку од Вас, како излегувате на крај со тоа без да се раскине врската меѓу ликот од Вашата верзија на приказната?
ДЕЛ МОНАКО: Пејачите не се марионети, така што секој концепт треба да работи заедно со актерските капацитетите на пејачите. Не би го менувал концептот ако се смени пејачот, но би го променил, најверојатно, начинот на глумење. Но никогаш концептот бидејќи концептот е нешто што се реализира месеци пред тоа. Не може да се промени концептот ако се смени тенорот или баритонот. Еден добар режисер треба да биде приспособлив и да има на ум дека не е секој пејач еднаков на другиот.
Дали во македонската продукција на „Турандот“ ќе можеме да видиме одредени аспекти што ќе бидат специфични за оваа претстава?
ДЕЛ МОНАКО: Постои смешна опера, драматична опера, комично-драматични дела, а кај Пучини многу пати се сретнува сето тоа. Таков е и примерот со „Турандот“ бидејќи има маски на трагичното, на грчката трагедија, и маски на комедија дел арте, смешни. Верувам дека еден добар режисер треба да ја насмее и да ја расплаче публиката и тоа е тоа што се обидувам да го направам. Генерално, постојат режисери што се подобри во драматични дела и режисери што се добри во смешни дела. Јас цел живот работам и во двете. Во „Турандот“ имам можност да ги измешам двете ситуации.
Преовладува мислењето дека голем број режисери, особено германските и француските, се многу поиновативни, односно не се плашат да експериментираат. Ваквите експерименти може да отворат нови правци во изведбата на оперите. Чувствувате ли некогаш потреба да внесете нешто ново во операта или, пак, сметате дека не ѝ се потребни експерименти?
ДЕЛ МОНАКО: Експериментирањето е многу важно, но важно е каде сакате да одите со експериментот. Сакате ли да ја занемарите публиката, која не разбира што правите, бидејќи во таков случај ова не е вистинскиот простор за тоа, вистинско место е експериментален мал театар. Се разбира, и големата оперска куќа може да биде експериментална, и треба да биде експериментална. Треба да предлага нешто ново, а јас го правев тоа целиот мој живот. Имам 72 години. Во мојот живот работев на повеќе од сто опери во голем број метрополи: Стокхолм, Јужна Африка, Австралија, „Ковент гарден“, Берлин, Минхен, Хамбург, Скала, Неапол, Рома, Торино, Џенова, Палермо, сум бил насекаде, имав многу можности да кажам нешто ново. Но, тоа што мислам дека е ново е тоа што мислам дека публиката го смета за ново. Но, ако се измеша нешто ново, а се исклучи публиката поради ваш личен ментален развој, тоа не е правилно. Да се предложи нешто ново е важно, но и да биде разбирливо за публиката. Таа ги плаќа финансиите на театарот и седи таму и гледа. И ако не го разбере, не зборувам дека не разбира на примитивен начин, но ако не разбере, треба барем да почувствува дека тоа е ново.
Разговараше: Невена Поповска
Фото: Александар Ивановски
(Текст објавен во 185. број на неделникот „Република“, 18.03.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Последни
-
Сензационално: Северина се разведува од Игор, поради познатата водителка!
-
Фатална сообраќајка кај Струмица: Со „Корса“ излетал од патот, загинал на лице место
-
Шон Пен во Истанбул: Ќе снима документарец за убиениот новинар Џамал Кашоги (видео)
-
Димитров: Зборовите „нација со комплекс“ се извадени од контекст