| четврток, 6 декември 2018 |

Српско финале во АБА лигата, Црвена Звезда во реваншот во Загреб ја реши Цедевита

crvena zvezda

Црвена Звезда си закажа финале во АБА лигата откако во полуфиналето со чисти 2-0 славеше во серијата со Цедевита.
Во вториот меч од полуфиналето кој се одигра на теренот на Цедевита, гостите од Белград славеа со 65-73 (19-16, 20-18. 10-21, 16-18).
Звезда ја комплетираше финалната двојка, откако во првото полуфинале уште еден српски тим, Мега лекс, направи изненадување и славеше над Будуќност од Подгорица истотака со 2-0.

Мечот во Загреб изобилуваше со пресврти бидејќи двете одбрани одиграа на висина на задачата. Првото водство го направи Цедевита, но при резутат 5-2 гостите направија серија од 10-0 и се чинеше дека ќе дојдат до лесна победа. Сепак Араповиќ и Билан поставија бедем под својот кош и Цедевита не дозволи да прими поени цели четири минути што резултираше со повторно преземање на водството од 19-12.
Наизменичните серии продолжија и во вториот период, па на одмор се замина со пет поени позитива за домаќинот (39-34).

По враќањето од паузата, кошаркарите на Звезда го забрзаа темпото, па набрзо дојдоа и до првото изедначување во второто полувреме (41-41). До истекот на третиот период кошаркарите на Цедевита уште двапати направија изедначување (43-43, 48-48), но падот на концентрацијата по неколку промашени шутеви од далечина си го направи своето, па со мини серија на Јовиќ, Штимац и Кинси екипата на Звезда имаше шест поени предност пред почетокот на последниот период (49-55). Тензијата помеѓу двете екипи кои беа желни за нова победа продолжи да расте и во последниот период. Домаќинот продолжи со непрецизни шутеви од далечина додека клупата на Црвена Звезда ја доби и втората техничка грешка, но тоа не дозволи пад на концентрацијата кај играчите кои се бореа на паркетот. Во клучните моменти, Цирбес им поклони слободно фрлање на противниците по кое Зганец беше прецизен за приближување и до 60-62. Милер успеа да ја спаси грешката на својот соиграч, па уфрли три поени во последните 60 секунди за 62-65 кои подоцна ги запечати за конечни 65-73.

Штимац со 17 поени и четири скокови го водеше својот клуб до најновиот триумф. Јовиќ му помогна со 9 поени еден помалку од Милер. За Цедевита, Пулен и Вајт беа двоцифрени со 17 односно 11 поени.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top