Истражните екипи ги пронајдоа двете „црни“ кутии од авионот од типот „Боинг 737-800“ на авиокомпанијата „Флај Дубаи“, кој се урна рано изутринава при обид за слетување на аеродромот во рускиот град Ростов на Дон, при што загинаа сите 62 патници и членови на екипажот, јави ТАСС.
Како што соопшти директорот на Регионалниот центар на руското Министерство за вонредни состојби во Ростов, Игор Одер, пронајдените „црни“ кутии ќе бидат доставени на експертска анализа за дешифрирање на податоците.
Видете и: Моментот кога се урива Боингот на Флај Дубаи (ВИДЕО)
Одер инфромира и дека спасувачките екипи на местото на падот на авионот досега пронашле повеќе стотици делови од човечки тела, а продолува и акцијата за извлекување на телата на загинатите од остатоците на леталото.
Руското Министерство за вонредни состојби претпладнево информира дека авионот, кој летал на релација од Дубаи до Ростов на Дон, се урнал во 3:50 часот по локално време, при вториот обид за слетување на аеродромот.
– Авионот паднал на земјата и се распаднал. Според прелиминарните податоци, во него имало 55 патници и седум членови на екипажот. Сите загинаа, соопшти руското Министерство.
Најголем дел од патниците, меѓу кои имало и седум деца, биле руски државјани. Од вкупниот број патници 44 биле Руси, осуммина Украинци, двајца Индијци и еден Узбекистанец, додека меѓу членовите на екипажот на авионот четворица биле државјани на Обединетите Арапски Емирати, двајца Шпанци и еден Русин.
Во првичните резултати од истрагата, како причина за падот на авионот се посочуваа лошите временски услови, бидејќи во времето на несреќата реонот на Ростов на Дон бил зафатен од снег и ветер со брзина од 22 до 27 метри во секунда, но не се исклучваше ниту можноста за грешка на пилотот или технички проблем.
Извор од истрагата во изјава за руските медиуми нагласи дека поради лошото време авионот не успеал да слета при првиот обид, по што по втор пат се обидел да се приземји. – При вториот обид (за слетување) се случил падот, наваде иститот извор.
Руските власти соопштија дека за утврдување на причините на несреќата формирале експертска комисија, кон која ќе се приклучат и експерти од Обединетите Арапски Емирати, САД и Франција.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.