Водата за пиење во Чифлик и Облешево е неисправна, а во Чешиново е хемиски и бактериолошки исправна за употреба, покажаа анализите направени од Центарот за јавно здравје од Кочани.
– Мострата земена од чешмата во училиштето „Страшо Пинџур“ во селото Чешиново покажа дека таа е хемиски и бактериолошки исправна за употреба. Анализите земени од чешмата во училиштето „Климент Охридски“ во Облешево покажаа дека таа е хемиски и бактериолошки неисправна за пиење, додека водата од чешмата во Подрачното училиште во селото Чифлик хемиски е исправна, а бактериолошки е неисправна за употреба, изјави Благица Ѓурковиќ, директор на Центарот за јавно здравје од Кочани.
Таа истакна дека во понеделник стручни екипи од Центарот од Кочани повторно ќе бидат на терен и ќе извршат анализи на водата во овие населени места по што граѓаните ќе бидат информираат за исправноста на водата за пиење.
Ѓурковиќ нагласи дека останува препораката жителите од Облешево и Чифлик да користат флаширана вода.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.