| четврток, 6 декември 2018 |

Стружани со месеци пиеле загадена вода, кривична за директорот на „Проаква“,

ПС Струга поднесе кривична пријава против В.К. (35) од Струга за злоупотреба на службена положба и овластувања.

Пријавениот, стои во соопштението од МВР, во периодот од  јуни до септември оваа година, во својство на директор на МЈП „Проаква“-Струга  во неколку наврати, со неизвршување на  својата службена должност,  не  организирал благовремена набавка на хлор и други заштитни хемиски препарати за тековното чистење на водите од изворите што се користат за градскиот водовод за Струга и околните населби.

Во  текот на август годинава, во ПС  Струга примена е заверена изјава од правен субјект дека загадувањата на подрачјето на изворите за питка вода кај селото Шум го врши ресторан, кој е бесправно изграден. Според изјавата, покрај загадување на водите за пиење од изворите во селото Шум, загадување се случува и во водите на малата акумулација Езерце, која е во склоп на објектите на МЈП „Проаква“ и која е дадена со концесија за користење и одгледување на риби на правен субјект и физичкото лице концесионер од селото Шум.

Во периодот од месец јуни до месец август, Агенцијата за храна и ЦЈЗ Охрид, извршиле 18 мерки за земање примероци од изворите за питка вода кај селото Шум. Според нивните анализи, во шест случаи, земените примероци вода од 08 до 21 јули, од 19 до 25 август и од 15 до 21 септември, не одговарале на правилникот за користење на изворски води како  вода за пиење односно водата била загадена.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top