Македонскиот пијанист Симон Трпчески ја заврши турнејата низ Велика Британија со Филхармонскиот оркестар на Осло.
Според британските критичари, Симон Трпчески и рускиот диригент Василиј Петренко се „тим од сонишата“, а нивната најнова соработка значеше серија настапи како главни ѕвезди на турнејата на Филхармонискиот оркестар на Осло низ Велика Британија.
– Мини-турнејата што собра суперлативи од британската музичка јавност и измами изведби на бис, ги опфати настапите во Манчестер, Бејзинстоук, Бирмингем и Сефрон Валден, каде што овој победнички тандем, заедно со колегите-музичари од Норвешка го изведоа популарниот Концерт за пијано и оркестар број 2 од Сергеј Рахманинов. Истата програма на почетокот од месецов беше изведена и на две концертни вечери во Осло, од кои првата имаше и директен пренос на интернет – информира „Култур oп“ со поддршка од Министерството за култура на Република Македонија.
Серијата настапи во Велика Британија се надоврзаа на концертите на нашиот виртуоз на пијано во Соединетите Американски Држави, Канада, Ерменија и повторно Велика Британија од почетокот на годинава.
Следна дестинација на Трпчески е Детроит. Американската публика ќе има можност да ги проследи неговите три последователни концертни вечери на кои првпат ќе настапи како солист на Симфонискиот оркестар на Детроит, а на кои повторно ќе соработува со диригентот Томас Даусгаард. На репертоарот ќе се најде Вториот концерт за пијано и оркестар од Лист.
Во продолжението на сезоната Симон Трпчески ќе значи настапи во Шпанија, повторно Велика Британија и Норвешка, потоа Германија, Финска, Шведска, Италија, Словенија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.