
Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева продолжува да гази по законите и институциите и да се става врз нив, целосно непочитувајќи ги. Дополнително, Јанева ја игнорира јавноста и не дава одговори на прашањата за кои беше повикана во однос на давањето на лажни изјави.
Претседателот на Советот на обвинители, Петар Аневски во изјава за ДНЕНВИК вели дека специјалната обвинителка не му доставила на Советот на јавните обвинители извештај во врска со записникот за материјалите од нелегалните прислушувања, кои лидерот на СДСМ, Зоран Заев и ги предаде на 30 декември.
Според Аневски, ова е уште еден погрешен чекор на Јанева и уште едно прекршување на Законот за специјално обвинителство, откако претходно таа не го извести ниту за исклучувањето на двете обвинителки од нејзиниот тим. Сепак, како што вели Аневски, Советот нема да презема ништо с` додека не го добие шестмесечниот извештај за работењето на специјалното обвинителство, за што Јанева има рок да им го достави најдоцна до вторник, 15 март.
– Таа ништо не ни достави до овој момент, едноставно молчат сево ова време. Беше коректно да испратеа какво било известување зошто доцнат и не испраќаат извештај во врска со записникот. Ова е уште еден голем минус за специјалното обвинителство. Но засега не преземаме ништо с` додека не видиме што ќе стои во шестмесечниот извештај за работата на обвинителството, па потоа ќе се произнесеме со одлука, ни рече Аневски.
Тој јавно ја повика најитно што може да му достави извештај уште пред речиси еден и пол месец и половина. Јасно нагласи дека во тој момент нема намера да поднесува кривична пријава против Јанева, оти за Советот било важно да се расчистат дилемите во јавноста за тоа дали и што примило специјалното обвинителство на 30 декември.
– Нас н` интересира бројка, статистика, колку има примено, дали има примено, дали е составен записник или друг некаков факт, дали е тоа потврда за примени предмети итн. Донесовме одлука да се побараат тие податоци и во најкраток можен рок да ни достават податоци. Ова го правиме бидејќи во јавноста с` уште има нејаснотии за примените материјали. Ние сме надлежни од неа да побараме такви податоци, а тоа дека ќе поведеме постапка, кривична пријава, тоа не држи, ние за почеток бараме колку се примени и дали е направен записник. Во согласност со Законот за кривичната постапка, кога ќе дојде ден тие да бидат уништени, се прави записник, со присуство на тие и тие лица и мора да знаеме точно колку ќе бидат уништени, рече Аневски на 25 јануари.
Специјалното обвинителство игнорира
СЈО и Јанева ги игнорират прашањата дали извештајот за записникот е готов и предаден,. Единствено во врска со ова СЈО се произнесе на 12 февруари, на последната нивна прес-конференција кога беше објавен случајот „Титаник“. Тогаш беше нагласено дека „поради обемноста на материјалите не можело во моментот на предавање да се направи записник и дека с` уште се вршело попис на истите“.
– Ве известуваме дека во тек е детаљно евидентирање на предадените материјали. Имајќи ја предвид обемноста на истите, ве известуваме дека пописот ќе трае колку што е потребно и за констатираната состојба ќе биде изготвен и статистички преглед, кој ќе биде дел од извештајот доставен до Советот на ЈО и Собранието на РМ – рекоа тогаш од СЈО.
Додека на јавноста и е нејасно зошто Јанева молчи, на интернет изминатиот период се појавија снимки од приватни разговори за кои со право постои сомнеж дека потекнуваат токму од тие за кои требаше да се состави записник. Засега единствено е извесно дека Јанева треба да го предаде извештајот за целокупната своја работа во изминатите шест месеци до Советот и до Собранието на РМ, како што е предвидено во Законот за специјалното обвинителство до вторник. Дали таа ќе одговара пред Советот или не останува да се чека на одлуката на Аневски и тимот откако ќе го добијат.
Јанева молчи со месеци и не одговара на наводите за давање лажни изјави
Катица Јанева веќе со месеци молчи и не одговара на прашањата поврзани со наводите за давањето на лажни изјави кои се однесуваа на барањето за државен стан и тврдењата дека дала изјава пред нотар дека земјата што ја бара под закуп има насад со овошје.
Поминаа точно два месеци откако медиумите објавија дека Јанева барала државен стан затоа што немала стан во Скопје, а после потпишала изјава дека нема стан поголем од 80 м/2, а има два стана во Скопје. И по два месеци, одговор од Јанева нема.
Во првата изјава која е наведена во барањето, Катица Јанева тврдеше дека не поседува стан или куќа во Скопје и бара да ѝ се одобри на користење службен стан или да ѝ се определи надомест за закупнина на стан во Скопје бидејќи живее на повеќе од 100 километри оддалеченост од градот.
Во втората изјава, пак, приложена кон барањето, Катица Јанева пред нотар вели дека таа и членовите на нејзиното потесно семејство немаат во сопственост или под закуп стан или куќа во Скопје со површина од најмалку од 80м2.
Исто така, Јанева молчи и за наводите кои пред десет дена ги објави телеивизја Алфа, а според кои во изјавата што Јанева ја потпишала под материјална и кривична одговорност стои дека на земјата што ја бара под закуп има насад со овошје. Според судските вештаци нивите не биле обработувани, а насадот бил на опожарена површина на која скоро 50 години имало црн бор. Дека нивите се пустелија, се гледаше и од фотографиите.
Веднаш по објавувањето на документите од АЛФА кои укажуваат на тоа дека Јанева повторно е фатена во лага, КУРИР се обиде да добие одговор од Јанева, но наместо конкретен, добивме апсурден одговор од специјалната обвинителка.
-Ве известуваме дека во овој момент не сме во можност да Ви одговориме на поставените прашања, но Ве известуваме дека до петок ќе Ви обезбедиме одговор. Ви благодариме на разбирањето, се вели во апсурдниот одговор на Јанева на нашите прашања испратен на нашиот мејл на 2-ри март (среда).
Сепак, иако Јанева рече дека до петок (4-ти март) ќе обезбеди одговор, сепак до денеска (10-ти март), Јанева се уште молчи за поставените прашања, а кои се однесуваа на тоа дали е точно дека се јавила на јавниот повик за доделување на земјиште и дали е точно дека под полна морална и кривична одговорност тврдела дека има насад од смокви стари над 3 години.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


