| четврток, 6 декември 2018 |

Каде е политиката?!

ustaven-sud-5

Во напливот на протести насочени против Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија за поведување на постапка за оценка на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, поточно насочени со име и презиме против петте судии кои гласале за испитување на овие измени на Законот од 2009 година, јасно е дека тие протести „грлато“ се изразени од опозиционите политички претставници и невладини организации, но нешто многу важно во овој период ни помина незабележано и неодбележано со коментар. А тоа е каде се крие политиката во Уставниот суд на Република Македонија? Каде е навистина политиката?

Веднаш ќе се навратиме на еден конкретен предмет, многу важен, кој се одлучуваше во Судот на 18 февруари 2016 година. Имено, по приемот на иницијативите во Судот за оценување на уставноста на Одлуката донесена од Собранието на Република Македонија за своето распуштање заради одржување на предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година, со брзина на светлината, односно за само еден месец, на Судот му беше предложен предметот од страна на судијата известител (кој беше од редот на еден од „хероите“ четворица судии, наспроти „оцрнетите“ пет судии) со предлог да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената собраниска Одлука со цел истата да се поништи. Така би се постигнало да нема распуштање на Собранието на Република Македонија и да нема предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година. Кому таква состојба му одговара? Кој сака таква политичка разврска во политиката во Република Македонија?

Овие четворица „истакнати правници“ кои застанаа кон предлогот за поведување на постапка со цел поништување на Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, го игнорираа фактот дека Одлуката е еднократен акт на Собранието и има темпорален карактер, не е ниту закон или друг пропис. Истата, се однесува на конкретно Собрание и е за конкретна употреба, па оттука и секој просечен правник кој и малку имал допир со уставно право знае дека нема надлежност Уставниот суд на Република Македонија да ја оценува Одлуката на Собранието на Република Македонија.

Во согласност со тоа, Судот го изгласа отфрлањето на иницијативите со 5:4 од кои препознатливи се четворицата судии „херои“ од предметот со Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување, а тоа е четворката која сега гласаше за прифаќање надлежност и оспорување на собраниската Одлука. И со тоа да нема предвремени парламентарни избори на 24 април 2016 година, а кој датум подоцна  се промени на 5 јуни 2016 година.

Замислете, тие судии „херои“ одеа на линија да се поништи Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија, односно да нема распуштање.

Овие четворица судии „херои“ и истакнати правници, и покрај немањето на компаративен пример во други држави со Одлука на Уставен суд за поништување на Одлука за распуштање на Собранието, се обидоа во Уставниот суд на Република Македонија сега самите да отворат судска новосоздадена практика во насока ненадлежноста да ја претворат во надлежност на Судот и Уставниот суд на Република Македонија за прв пат да одлучува за акти кои не се прописи.

И кој сега е во политика?! Кој одработува за политички центри на интереси?!
Зошто јавноста се бомбардира со манипулации со име и презиме и слики на петте судии во Уставниот суд заради своето одлучување во конкретен предмет за кој Судот има надлежност да постапува и одлучува, а тоа е законот, а од друга страна да молчи за четворицата судии „херои“ кои брутално ја користат својата позиција на судии на Уставниот суд на Република Македонија да практикуваат политика а не уставно право, како што е еклатантниот пример со погоре наведениот пример за Одлуката за распуштање на Собранието на Република Македонија.

Впрочем, овој предмет од судиите „херои“ беше со брзина на светлината подготвен и гласан и ништо не им беше спорно на седницата на Судот на 18 февруари 2016 година.

Замислете, ова не било политика а оценката на закон било политика на Судот! Каква иронија, каква интелектуална девалвација, какво политиканство.

Ова не смее да се заборави и премолчи. Уставниот суд сега е оркестрирано, персонално нападнат од опозиционата политика на делување, а не од стручен и професионален аспект, со аргументи, па затоа срамот е на друга страна. Политика има, но таа треба да се препознае на вистинското место.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top