| четврток, 6 декември 2018 |

Ердоган му порача на Давутоглу од Брисел да се врати со три милијарди евра

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган се надева дека премиерот Ахмет Давутоглу од денешниот самит ЕУ-Турција во Брисел ќе се врати со три милијарди евра како помош за смирување на бегалската криза, пренесуваат британските медиуми.

AK PARTI GENEL BASKANI VE BASBAKAN RECEP TAYYIP ERDOGAN

– Ние веќе потрошивме десет милијарди долари на три милиони луѓе. Тие ветија дека ќе ни дадат три милијарди евра, а оттогаш минаа четири месеци. Премиерот е сега во Брисел. Се надевам дека тој ќе се врати со тие пари, со трите милијарди евра – наведе Ердоган во  директното обраќање на телевизија.

Британските медиуми пишуваат и дека неименувани претставници на ЕУ изјавиле дека Турција „нуди повеќе и бара повеќе“ во однос на оригиналниот акциски план за бегалците.

Според овој извор, Давутоглу новите предлози ќе ги претстави на работниот ручек со лидерите од 28 земји од ЕУ, а средбата на врвот ќе продолжи до вечерта, со цел да се постигне согласност по тие прашања.

Американскиот сајт „Политико“ во европското издание тврди дека Давутоглу има намера на денешниот самит ЕУ-Турција да побара повеќе пари за помошта за улогата на Анкара да се избори со приливот на бегалци и гаранциите дека ќе продолжат преговорите за членство на Турција во ЕУ.

Сајтот наведува дека овие две барања се меѓу дополнителните отстапки од Брисел кои Давутоглу во текот на самитот  може да ги изнесе во замена за смирување на бегалскиот бран што доаѓа кон Европа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top