| четврток, 6 декември 2018 |

Ништо од бизнисот ако те нема на „Фејсбук“ или на „Инстаграм“

Иако првично беа создадени за забава и за неформална комуникација, социјалните мрежи во голема мера се користат и за промоција и за успешно водење бизнис. Тие се покажаа како одлична основа за креирање и за зацврстување на познатите марки и за поттикнување на продажбата на производите и на услугите преку директна комуникација со јавноста и со клиентите

Ништо од бизнисот без објави на „Фејсбук“, на „Инстаграм“, на „Јутјуб“ или на „Твитер“. Ако компанијата не е активна на овој план, поширокиот аудиториум нема ни да знае дека постои. Ова посебно се однесува на трговските објекти, кои преку интернет и преку социјалните мрежи ги информираат луѓето за сите свои активности, акции, распродажби, новитети. Интернетот драстично им го смени животот и на компаниите и на потрошувачите. Значи, потенцијалите на интернетскиот маркетинг се препознаени, а компаниите треба само да се приспособат на сите промени, да го следат развојот и да ги искористат можностите од интернетот и новите технологии. Се разбира, големите компании немаат толку голема потреба за користење на предностите на социјалните мрежи, но нивното присуство на интернетскиот простор е задолжително и потребно, бидејќи интернетскиот маркетинг и социјалните мрежи ја цементираат својата позиција како неопходни алатки за развој на секој бизнис. Преку овие алатки, некој на другиот крај на светот може во кое било време да се информира за понудата и на најмалата фирма од која било земја.

– Интернетот драстично го промени животот во речиси секој поглед, но ако мора да се избере еден сегмент во кој тој беше најзабележителен кај компаниите, тоа е односот меѓу нив и потрошувачите. Со проширувањето на интернетот, врската меѓу тие што ги купуваат производите или услугите и тие што ги нудат и ги продаваат, стана екстремно блиска, ако не и директна – вели Александар Саздовски, менаџер за односи со јавност во маркетиншката агенцијата „Њу момент“.

Интернетските страници што ги користат компаниите, зависат од кампањата и од изборот на клиентите.

– Кога се во прашање социјалните мрежи, моментно во Македонија, но и глобално, доминира „Фејсбук“, а потоа, со значително помало присуство, барем во нашата земја, следуваат „Јутјуб“, „Инстаграм“ и „Твитер“. Секако, интернетот е исклучително флуиден простор и ова што доминира денес е многу веројатно дека во иднина ќе се промени – додава Саздовски.

Иако првично беа создадени за забава и за неформална комуникација, социјалните мрежи во голема мера се користат и за промоција и за успешно водење бизнис. Тие се покажаа како одлична основа за креирање и за зацврстување на познатите марки и за поттикнување на продажбата на производите и на услугите преку директна комуникација со јавноста и со клиентите. За тоа колку широк и голем дофат може да има промоцијата преку социјалните медиуми, покажува фактот дека повеќе од еден милион Македонци имаат профил на „Фејсбук“. Затоа не зачудува тоа што и македонските фирми, без разлика дали се мали локални дуќанчиња или големи компании, го следат овој светски тренд на употреба на социјалните мрежи како задолжителна маркетиншка и промотивна алатка. Статистичките податоци покажуваат дека оваа година безмалку половината од деловните субјекти во Македонија ги користеле социјални медиуми како „Фејсбук“, „Твитер“, „Јутјуб“ и имале кориснички профил, сметка или лиценца за користење одредена социјална мрежа. Ова покажува дека расте свесноста кај нашите компании за корисноста од рекламирање на социјалните мрежи, бидејќи претходната година овие канали за презентација на својата дејност пред потрошувачите ги користеле само 36,8 отсто од македонските фирми. Околу 52 отсто од деловните субјекти имале веб-страница, а 79 отсто на веб-страницата имале обезбедено опис на производите, на услугите и ценовници, 40,2 отсто поставиле врски до профилите на социјалните медиуми, а 16,4 отсто обезбедиле нарачка преку интернет или резервирале.

ekonomija182-2

Засега кај нас телевизијата сѐ уште е најмоќниот и најкористениот медиум, но работите се менуваат.

– Според буџетите и ефективноста, телевизијата сѐ уште е најинтересен медиум за компаниите во Македонија. Интернетот, како простор за рекламирање, изминативе години зазема сѐ поголем дел од кампањите, меѓутоа, тој сооднос е значително помал отколку во развиените западни земји. Логично е да се очекува дека веб-пазарот и социјалните мрежи ќе стануваат сѐ подоминантни, но веројатно, тоа ќе се случува побавно одошто во понапредните економии – објаснува Саздовски, според кој покриеноста на интернет и што е побитно, бројот на активни корисници во Македонија, е на особено високо ниво што е и причина компаниите сѐ посериозно да го сфаќаат интернетскиот маркетинг.

Како и да е, и компаниите и медиумите во Македонија веќе ја препознаваат новата ера за развој со помош на интернетскиот маркетинг и социјалните мрежи бидејќи сѐ поголемата употреба на интернет со добри идеи и бизнис-планови и практикување современ маркетинг отвора можности за успех и во време на криза. Сепак, според експертите, на луѓето во Македонија треба да им се укаже дека вреди да направат обиди за вложување што повеќе пари во интернетскиот маркетинг, а македонскиот пазар има голем потенцијал за развој. Според познавачите на состојбите, основа за успешно работење за секоја компанија се добрата идеја, добриот бизнис-план и креативниот маркетинг. Првенствено е потребна веб-страница со убав дизајн и со лесен пристап до информациите за задржување на постојните и за привлекување нови потрошувачи и клиенти.

Сепак, колку и да е добра рекламата, останува фактот дека производите ќе се продадат само ако се добри.

– Кога е во прашање маркетингот и односите со јавност, дали компаниите ќе бидат успешни, на кој начин ќе се изведе тоа и кое ниво ќе го достигнат, речиси и да не се разликува од тоа што вообичаено се случува во, условно кажано, традиционалното рекламирање. И таму и на интернет потребни се низа квалитети, но производот и приказната, секако, се најбитни и во двата формата. Што се однесува до подготовката на кампањите за интернетско рекламирање, таа е слична како и кај останатото рекламирање, односно се прават истражувања, се пронаоѓаат целни групи, се осмислуваат концепти и стратегии и се подготвуваат алатки за нивна најсоодветна и најефективна реализација – објаснува Саздовски.

Според него не постои аудиториум што е специфичен само за интернет и како резултат на тоа, компаниите да чувствуваат потреба само нему да се обраќаат.

– Нормално, младата публика доминира по бројност на социјалните мрежи и таа понатаму веројатно само ќе расте, меѓутоа и останатите полови, економски и општествени групи се многу присутни на интернетскиот простор, така што, во зависност од потребите на кампањите, компаниите одлучуваат кон кој аудиториум и до кој степен ќе ги насочат пораките – додава Саздовски.

Социолозите се едногласни. Интернетот почна да управува со животот на младите, но и со животот на постарите.

– Децата уште од раѓање се навлечени на новата технологија. Тие гледаат колку родителите се зависни од компјутери, телефони, таблети, па мислат дека таква е нормалната состојба на работите, па сега можете да видите дека децата веќе од една година земаат телефон, гледаат таблет. Некогаш родителите знаејќи дека децата се мирни само кога гледаат телевизија или цртани на таблети и на компјутери им дозволуваат да ги користат, а потоа велат дека децата им се зависни од технологијата. Практично, тие ги прават зависници, а тоа со текот на времето зема сè поголем замав. Најмладата публика е и најверна публика, па многу фирми тоа максимално го користат за да ги продадат своите производи. Сè на сè, влијанието на интернетот е големо и тој практично го одредува развојот на младите. Секако, не помалку зависни се и возрасните, кои на „Фејсбук“ или на друга мрежа можат да ги дознаат сите новости и понуди – велат социолозите.

Пишува: Александрија Стевковска
(Текст објавен во 182. број на неделникот „Република“, 26.02.2016)

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top