| четврток, 6 декември 2018 |

Регионалната мрежа SIGN ќе ја развива филантропијата во земјите од западен Балкан

Претставниците на регионалната мрежа SIGN денеска ја запознаа јавноста од регионот со мрежата SIGN, со чиј проект ќе се придонесе за зголемување на локалните практики за донирање во земјите од регионот.

Миа Вукојевиќ, извршна директорка на Балканскиот фонд за локални иницијативи од Србија, даде преглед на проектот „SIGN за одржливост“, кој е финансиран од Европската унија преку инструментот за претпристапна помош за зајакнување на граѓанското општество и кофинансиран од Балканскиот фонд за демократија.

– Благодарение на иницијативата, граѓанските организации ќе бидат потранспарентни, релевантни и ќе добијат поголема поддршка од компаниите и индивидуалците за подобрување на животот во заедниците – истакна Вукојевиќ.

Таа ги претстави активностите на проектот кои се фокусирани кон три главни прашања: подобрување на законската рамка за развој на филантропијата во земјите од западен Балкан, пренос на научени вештини и промоција на најдобри практики и зголемена локална поддршка и поголема вклученост на граѓаните во работата на граѓанските организации.

Зоран Стојковски, извршен директор на Центарот за институционален развој од Македонија, спореди информации за целите на мрежата SIGN, како регионална мрежа за развој на филантропијата и локалните заедници.

– Оваа мрежа е основана во 2009 година како неформална мрежа која има цел да ја зајакне регионалната соработка на локалните донаторски организации и во неа членуваат организации од Србија, Црна Гора, Босна и Херцеговина, Македонија, Косово и Чешка – информираше Стојковски.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top