Со оглед на тоа што живееме во реалност што станува пофиктивна и од самите играни филмови, документарниот филм станува сѐ поинтересен за љубителите на филмската уметност. Поради тоа, фестивалот на креативен документарен филм „Македокс“ реши да организира „Македокс – киновикенд(и)“, каде што на македонската публика ќе ѝ се даде можност уште еднаш да погледне некои од документарните филмови што беа дел од програмата на фестивалот.
„МакеДокс“ ве кани да уживате пред филмското платно во Кино „Фросина“ – МКЦ со четири документарни филма. Проактивен петок (4.3.2016) со „Секојдневен бунт“ и „Секс за шуми“ од 20.00 и 22,00 ч. и гламурозна сабота (5.3.2016) со годинашните кандидати за „Оскар“ – „Доаѓаме како пријатели“ и „Погледот на тишината“ од 20.00 и 22.00 ч.
В петок на програмата на „Македокс – киновикендот“ има филмови што зборуваат за граѓанската активност, за социјалната ангажираност и за сѐ поголемото засилување на граѓанинот како субјект, активен и одговорен за сѐ што се случува околу него, како активен принцип во социјалната, општествената, па и еколошката сфера. Универзална тема, која веруваме дека нѐ засега сите нас, кои сакаме да живееме во еден поправеден, подобар и еколошки почист свет.
Саботата ја посветивме на гламурот, но не на оној формалниот и појавниот, туку на гламурозната атмосфера и чувството што го создаваат квалитетните документарни филмови кои раскажуваат, понекогаш, страшни, но вистинити приказни. Ќе бидат прикажани два документарни филма кои се најдоа во пократката листа за номинации за Оскар. Тоа се „Доаѓаме како пријатели“ на режисерот Хјуберт Саупер, кој во септември ни дојде како пријател во рамките на проектот „Докувизија“, што „Македокс“ го организираше заедно со регионалните дистрибутери и фестивали на документарни филмови, како и филмот „Погледот на тишината“ на режисерот Џошуа Опенхајмер, филм што влезе меѓу најдобрите пет според Американската академија за филмска уметност.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
„Македокс“: Главна награда „Кромид“ за најдобар филм ја доби „Далечниот лаеж на кучињата“на режисерот Сајмон Леренг Вилмонт
-
Панел-дискусија со Вито Флакер, Дамијан Ненадиќ и Ана Замецка на „МакеДокс“
-
Студентската програма на „МакеДокс 9“
-
Избрани четири нови идеи за снимање документарен филм во рамки на проектот „Докуникулци“