До крајот на оваа година околу 40 згради во Општина Карпош ќе добијат термоизолациски фасади, а оваа општина ќе биде првата во Градот Скопје која што ќе почне со гасификација, го информираше градоначалникот на Општина Карпош Стевчо Јакимовски претседателот на ВМРО ДПМНЕ Никола Груевски, кој денеска беше во посета на Општина Карпош.
Груевски во Карпош направи увид во градежните работи на новата општинска зграда, која е во завршна фаза и треба да биде вселена во текот на летото. Беше во посета и на населбата Влае.
- Општината Карпош годинава ќе замени 40 фасади на објекти коишто 40 години немаат промена на фасадата. Тоа беше добра можност да се видам и да подискутирам со граѓаните, да видам дали се задоволни од сето тоа и да слушнам за повеќе проблеми, за повеќе идеи, коишто се од нивен интерес и за коишто како политичка партија и како коалиција можеме нешто да направиме- рече претседателот на ВМРО ДПМНЕ. Груевски најнапред разговараше со жителите на улицата „Теодосиј Гологанов“ каде е веќе започнато ставањето на термоизолација на зградите, за што жителите изразија големо задоволство.
Градоначалникот на Карпош Јакимовски го информираше дека фасадите на сите згради кои гледаат кон булеварот „Теодосиј Гологанов“ ќе бидат обновени, спроти поранешна „Алумина“ ќе биде изградена црквата „Кузман и Дамјан“, а во овој дел од општината Карпош со поддршка на Град Скопје ќе биде изграден и парк со плоштад. Според Јакимовски, во следните 10 години ќе бидат обновени фасадите на сите згради во оваа скопска Општина.
Во однос на зградата на Општината Карпош, градоначалникот Јакимовски информираше дека Гаражите се веќе комплетно готови, фасадата ја работиме, кровот е веќе завршен, се става изолација.
-Се надеваме дека до крајот на јуни да ја завршиме зградата- истакна Јакимовски.
Зградата ќе биде 4,500 квадрати и најверојатно, како што кажа, ќе биде најголемата општинска зграда изградена со сопствени средства. Сега администрацијата на Општината е сместена на повеќе места. Јакимовски рече дека би можело дел од подрачните единици на министерствата да имаат подрачни единици во новата општинска зграда.
- На пример граѓаните имаат потреба од Министерството за финансии. Сервисот на граѓаните да биде на едно место- рече Јакимовски.
Жителка на Визбегово побара асфалтирање на улицата каде што живее. Во населбата Влае 2 ќе биде поставена атмосферска канализација на шест улици. Јакимовски информираше дека тоа ќе се прави преку проект на Светската банка. Најави и целосна реконструкција на улиците „Франце Прешерн“ и „Иван Цанкар“, вклучувајќи ги сите нејзини краци и другите улици од овој дел од Влае. Работите ќе завршат до крајот на годината. Таму Груевски имаше средба и со жителите од овој дел од Скопје.
- Овде на улицата „Франце Прешерн“ во Влае општината има извршено сериозни зафати во делот на промена односно поставување на канализациска мрежа. Се планира таа да биде поставена на вкупно на шест улици, како и асфалтирање на тие улици- рече Груевски.
Јакимовски посочи дека месните заедници во Карпош одлично функционираат и оти најчесто од луѓето вработени таму ги добиваат информациите за проблемите што ги имаат жителите. Оваа година сите месни заедници во Општина Карпош ќе добија измеѓу 400 и 600 илјади евра инвестиции.
-Конкретно Влае 1 ќе има еден милион евра инвестиции- изјави градоначалникот на Карпош Јакимовски. Еден од проблемите со кој се соочуваат граѓаните на Влае е собирање на фекалиите кои доаѓаат од општината Ѓорче Петров и ширење на миризба поради филтер и технологија стара 40тина година. Решавањето на овој проблем ќе започне ова лето.
- Овој проблем го знаеме и дадено е налог на ЈП Улици и Патишта и предвидено е во инвестиционата програма за оваа година- истакна градоначалникот на Град Скопје Коце Трајановски.
Трајановски за следната година најави реконструкцијата на улицата „Ацо Шопов“. Еден од жителите на Влае побара помош за изградба на црква која е планирана, меѓутоа поради имотноправен спор не може да се гради.
За претседателот на ВМРОДПМНЕ, како што рече, комуникацијата со граѓаните е од исклучителна важност затоа што на секои од местата слушал за нивните проблеми.
- Тие кажуваа што мислат, како треба да се подобрат работите за да добијат поквалитетен живот и од локален аспект, но многу од нив и од поширок аспект, политички аспект, аспект што ја засега односно е во одговорност на централната власт рече Груевски. Ова, додаде тој, е едно од неговите теренски излегувања, овојпат во неговата Прва изборна единица.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Двајца пешаци прегазени на улица во Карпош
-
Драма во маркет во Карпош: Разбојник нападнал една продавачката со електрошок, а двете колешки жестоко му возвратиле
-
ДОМ: Зошто Уставниот суд не постапува по пријавите за скандалозните ДУП-и во Карпош?
-
Првпат во официјална посета на Македонија доаѓа српската премиерка Ана Брнабиќ