Националниот комитет на Меѓународниот совет за споменици и локалитети – ИКОМОС Македонија за 2016 година добил финансиска поддршка од Министерството за култура за два проекта од областа на заштитата на културното наследство и за три од областа на меѓународната соработка…
Тие денеска, 26 февруари, беа презентирани на 31. седница на Собранието на Комитетот на која, меѓу другото, на дневен ред беа и предлог-извештаите за работата и за материјално-финансиското работење на Комитетот во 2015 година.
Претседателот на ИКОМОС Лазар Шуманов изјави дека во областа на заштитата аплицирале со седум проекти, а во областа на меѓународната соработка со пет, и дека ќе се потрудат самите да реализираат еден до два проекта од оние што не им се прифатени од Министерството.
– Двата одобрени проекта од областа на заштитата се за тековни активности и за котизацијата за членство што ја плаќаме во седиштето на ИКОМОС во Париз, а од меѓународната соработка – за учество на седници на Генералното собрание на ИКОМОС, на Регионалната европска група на национални комитети и на Субрегионалната група каде се собираат националните комитети на земјите од Југоисточна Европа, односно од земјите на поранешна Југославија. Оваа седница треба да се одржи во Цетиње, Црна Гора – изјави Шуманов.
Додаде дека важно им е да го организираат едукативниот форум за кој не добиле поддршка.
– Имавме идеја да направиме сет на презентации на кои експерти би одржале целодневни предавања за сопствените искуства, за едукација на сегашниот кадар и на младите колеги зашто, за жал, кај нас на ниту еден факултет нема систем за едукација во конзервацијата. Извонредно е значајно да почне да се реализира тој едукативен форум бидејќи најглавна инвестиција, според мене, е во едукацијата на луѓето – додаде претседателот на ИКОМОС, кој во 2014 одбележа 20 години од основањето.
Интернационалниот комитет на ИКОМОС секоја година го одбележува Светскиот ден на споменици и локалитети 18 Април. Оваа година темата е „Спорт и културно наследство“. Македонскиот комитет на ИКОМОС, рече Шуманов, по повод овој ден ќе се обиде да направи инвентаризација на спортски објекти од минатото кои постојат како споменици на културата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.