Продукциската и дистрибутерска куќа „КТ филм и медиа“ од 28 февруари до 5 март организира Ревија на филмови од иранската кинематографија во просториите на Кинотеката на Македонија.
Станува збор за проекции на репрезентативни филмски наслови од поновата иранска продукција, од светски признати режисери , кинематографери и познати актерски имиња кои имаат значајно место во светската кинематографија и имаат освоено голем број фестивалски награди.
Ревијата ја отвори филмот „Езерцето на вилинското коњче“ (Dragonfly`s pond) од Мохамадреза Араб. Втората проекција беше резервирана за филмот „Ага Јусеф“ (Agha Yousef). Станува збор за 97-минутна драма од 2011 година во режија на Али Рафие. Филмот третира семејна тема. Таткото работи напорно за да ѝ овозможи достоен живот на својата ќерка, но едно недоразбирање ќе ја усложни нивната врска.
Ревијата продолжува во март со уште три проекции. На 4 март во терминот од 16 часот ќе биде прикажан „Алцхајмер“ (Alzhaimer), филм од 2011 година во режија на Ахмад Реза Мотамеди. Во терминот од 18 часот ќе игра филмот „Кралството на Соломон“ (The Kingdom of Solomon). Ревијата завршува на 5 март во 20 часот со проекцијата на филмот „Заради Пуне“ (For the sake of Pooneh). Оваа драма од 2013 година во времетраење од час и половина е по режија и сценарио на Хатеф Алимардани.
Влезот за сите проекции е бесплатен за посетителите.
Ревијата на ирански филм е дел од проектот „Ревија на филмови од големите светските кинематографии во Македонија“, која ќе се одвива во повеќе градови низ Македонија, со цел да се доближат помалку застапените светски кинематографии до гледачите во Македонија.
Кинематографиите на неколку земји ќе бидат претставени со преку 20 репрезентативни филмски наслови.
Ревијата на филмови од светските кинематографии има за цел да ги доближи најквалитетните и најрепрезентативни филмови од неколку светски кинематографии, кои се чести учесници и добитници на престижни награди на најреномираните светски филмски фестивали. Со овој проект се отвора можноста овие кинематографии да заземат позначајно место во Македонската кинодистрибуција, место кое, секако, го заслужуваат по својот квалитет.
Ревијата на филмови од светските кинематографии е поддржана од Агенција за филм на Македонија.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.