Премиерот на Унгарија Виктор Орбан остро ја критикуваше Германија поради нејзиниот „груб и агресивен“ тон при комуникацијата во врска со бегалската криза, јави дописникот на МИА од Берлин.
Во интервју за најтиражниот германски весник „Билд“, Орбан изјави дека Унгарија нема никакви долгови кон Германија и нема обврска да ја поддржува во нејзините политики.
Според Орбан, политиката на отворени врати за бегалците промовирана од канцеларката Меркел има алтернатива. Неговите цврсти позиции против прием на бегалци во неговата земја ги правда со стравот дека бегалците ќе ја променат етничката, културната и верска карта на Европа. За Орбан договорот со Турција според кој иднината и безбедноста се ставаат во рацете на Анкара е опасен, а планот ЕУ да плати и да ја забрза интеграцијата со цел Турција да ги запре бегалците на пат кон Европа е само илузија.
Во врска со политиката на Русија во Сирија, Орбан смета дека ЕУ ја критикува Москва, а во исто време нема капацитет да се справи сама со конфликтите на Блискиот Исток, ниту да ја спречи бегалската криза. Унгарија заедно со Полска, Чешка и Словачка се противат на предлозите на ЕУ за дистрибуција на бегалците меѓу земјите членки.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.