На својот најголем концерт во досегашната кариера, Дуке настапи заедно со неговите пријатели и соработници: Каролина Гочева, актерот Никола Ристановски, светски познатиот кларинетист Исмаил Лумановски, нашата реномирана пејачка Тања Царовска и перкусионистот Матијас Кунзли, сите придружувани од камерен оркестар.
Ова беше прв концерт на Дуке Бојаџиев после успешното претставување во престижната концертна сала „Карнеги хол“ во Њујорк, каде настапи со Камерниот оркестар на Македонската филхармонија, а на кој специјална гостинка беше Каролина.
На сцената застана Тања Царовска со која ги изведоа „Си заљубив“, „Ова е љубов“ и „Епик“, следуваше Каролина со „Зборови немам“ и „Дојди“, па стиховите на Руми ги рецитираше актерот Никола Ристановски, следен од звуците на кларинетот на Исмаил Лумановски, а „Татко“ ја изведе заедно со Влатко Стефановски со аранжман специјално направен за оваа пригода. Публиката беше воодушевена, а атмосферата кулминираше со изведбата на тангото „До балчак“.
Дуке Бојаџиев веќе долго време живее и твори во центарот на светската култура, Њујорк, меѓутоа своите најнови проекти континуирано ги промовира и пред домашната музичка сцена, пред својата публика.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.