| четврток, 6 декември 2018 |

Хан: Затворањето на границата со Грција ќе значи нов проблем за решавањето на прашањето со името

ха
Целосната блокада на границата со Грција од македонска територија ќе значи проблематизирање на билатералните односи на Република Македонија со Грција и решавањето на разликите околу името. Ова предупредување, денеска на традиционалната Балканска конференција што се случува по 15. пат во организација на невладината „Пријатели на Македонија“ го испрати еврокомесарот за преговори за проширување Јоханес Хан, кој говореше заедно со заменик-претседателот на македонската Влада задолжен за евроинтеграции, Фатмир Бесими, јави дописникот на МИА од Брисел.
На прашањето за негов коментар за оградата на грчко-македонската граница, комесарот Хан посочи дека тој „ги разбира реакциите за оградите“ и дека затоа бара заштита на надворешната граница на ЕУ и дека во тој случај „се работи за Европа“.
– Второ, не потценувајте ја внатрешната политичка криза која треба да се надмине во ПЈР Македонија. А, една од причините зошто ситуацијата во земјата е таква е тоа што Скопје има кандидатски статус од 2005 и истиот никогаш не беше трансфериран во преговорите. Познато е и прашањето за името и гледаме дека новата грчка Влада е поотворена да работи на можно решение и јас го поддржувам тоа. Стравот е ако има големи тензии меѓу земјите поради границата, што може да има влијание на многу неодамнешни работи за надминување на политичкиот застој што трае со години. Затоа, посебно за комесар за проширување, јас имам интерес ова да остане одржлива граница – посочи Хан.
Еврокомесарот за преговори за проширување додаде дека земјите од Западен Балкан се опкружени од веќе постојни ЕУ-членки и дека е јасно дека во одреден момент треба тие да се приклучат на семејството на Унијата.
– Овој моментум да се искористи, да се претовори во позитивен начин напред и ние работиме на тоа, па кризата произведе нешто добро – посочи Хан.
И покрај тоа што има мораториум на проширување на ЕУ до 2019 година, сепак, според Хан и во програмата за проширување на Унијата овој процес останува. Тој ги посочи примерите со Босна и Херцеговина, која вчера поднесе апликација за членство што не го очекувал никој ако се погледне на ситуацијата во земјата од пред една година. Нови поглавја од преговорите се отворени и со Црна Гора, а започнати се преговори и со Србија, додека има напредок и во преговорите со Турција.
– Бегалската криза може да ги поддржи овие напори затоа што покажува дека земјите од Западен Балкан на еден или на друг начин веќе се членки на клубот. Ние сфаќаме дека во овој случај, решението е можно ако има блиска соработка меѓу членките на ЕУ и тие кои се уште не се. Географски, не-членките на Унијата се опкружени со членки и затоа мораме одблиску да соработуваме. Есента имавме Самит за Западен Балкан во Брисел, а исход беше подобрување на логистиката оти досега овие земји служеа како транзитни земји, што создава проблеми, но во поглед на соработка тоа беше добар Самит – посочи Хан.

Сепак, еврокомесарот предупреди дека земјите што не се членки на ЕУ во регионот, но и членките на Унијата, дека не смее да станат паркинг-место за бегалците и затоа тој е многу благодарен и среќен што има одлука на НАТО за заедничка гранична контрола на турско-грчката морска граница, што ќе го намали бегалскиот наплив и притисок.
– Тоа е олеснување на земјите на оваа маршрута, но чувствувам дека напливот може да се премести на Запад, бидејќи во Либија, илјадници луѓе чекаат да минат преку морето. Не е запрен напливот на бегалци, но може да се премести назад кон Запад – предупреди Јоханес Хан.
Во однос на Балканот, Хан додаде дека се видливи билатерални тензии и дека тоа ја покажува потребата од поблиска соработка, инклузивност и дека е потребна соработка и за економски равој на земјите во регионот што е одлучно за идно членство во ЕУ.
– Бегалската криза стави фокус на регионот и тоа треба да се искористи за пренесување на пораките и имиџ на земјите и регионот, бидејќи тие досега направија одлична работа во вистински европски дух – порача Хан.
Македонскиот вицепремиер Фатмир Бесими, пак, посочи дека еден од аспектите што е виден во овој период за време на кризата е дека земјите од Балканот стојат заедно и соработуваат. Според Бесими, видливо е и ако се гледа колку состаноци се случиле меѓу лидерите на земјите од Западен Балкан и ЕУ-земјите, дека за периодот додека постои бегалскате криза, споредливо со изминати пет години се гледа разлика во односот.
– Секоја криза треба да се гледа како можност, а тука е дека станавме покреативни, мислиме повеќе за различни механизми за подобрување на соработката и реагираме брзо. Лекциите што ќе ги научиме и од процес на проширување, дека што е подолго, не е полесно. Ако се остават земјите сами, исходот нема да биде како што очекуваме, порача Бесими.
Заменик-претседателот на македонската Влада посочи дека се гледа критичката улога што ЕУ ја има во посредување на процесот на проширување. Тој додаде дека дури и за домашни прашања, во Македонија има директно инволвирање и посредување на политичкиот дијалог во земјата од ЕУ, преку комесарот Хан.
– Од оваа гледна точка, за нас во овој процес, гледајќи на ЕУ-интеграцијата е важно да се гледа посилна соработка и забрзување на процесот во поглед на кризата со бегалците, како земја и не само како земја, туку и како регион. Ни треба посилна соработка со Европа, не само соработка, туку и конзистентна политика од сите европски земји-членки, оти оваа ситуација за нас е важно да се види дека успеваат овие политики акции на ЕУ, како и договорот со Турција кој очекуваме успешно да се случи, а ние нашата работа да ја завршиме во однос на граничната контрола. Се уште ни треба поддршка на граничната контрола и регистрација, што не е само безбедносно прашање за Македонија, туку и за цела Европа, посочи Бесими.
Токму еврокомесарот Хан додаде дека светот се соочував со голем број на бегалци и мигранти низ Европа и тоа, според него најмалку со 20 милиони раселени лица. Има и повисоки проценки на луѓе што сакаат да мигрираат, рече Хан, што според него е јасно дека во еден момент, дел од овие 20 милиони може да почнат да се движат низ Европа. Тој рече и дека денеска има повеќе од 60 проценти од бегалците што не се Сиријци, многумина се со лажни пасоши и се претставуваат како Сиријци.
– Јас секогаш ги бранам фактите и бројките, а тоа е дека ни треба функционална контрола на надворешната граница и тоа повеќе од секогаш. Ние мораме да ја заштитиме надворешната граница, да вратиме контрола на влијанието во Европа и расположението меѓу народот така ќе се промени. Има дискусии дали Европа не може да прими милиони лиц. Се разбира дека може, бидејќи имаме повеќе од 500 милиони жители, но начинот како доаѓаат и се уште доаѓаат е важен. Луѓето веруваат дека властите не можат да ги заштитат и да го контролираат напливот, па мораме да го смениме ова и да ја вратиме довербата. Ова е најважна цел и затоа е важно да се работи на надворешната граница и искрено, по писмото на словенечкиот премиер Церар и одговорот на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер во јанури, во меѓувреме ги се сменија работите, со фокус да се заштити надворешната граница, а другите мерки да бидат второстепени, порача Хан.
Според еврокоемсарот за преговори за проширување, токму затоа фокусот мора да биде на надворешната граница, бидејќи се работи и за Шенген-системот, кој не е само принцип, туку во меѓувреме го промени начинот на кој се живее во Европа.
– Ако има предизвици и притисоци, тогаш се гледаат нашите недостатоци. Бев член на две Еврокомисии и моравме да се посветиме на економската криза, земјите-членки реагираа со трансфер на права и обврски на европско ниво и сега се соочуваме со бегалски наплив. Мора да видиме што е потребно да се биде одлучив на европско ниво и што ќе остане на национално ниво. Ако тоа влијае на цела Европа, потребни се алатки  и инструменти да ни дадат да реагираме брзо. Затоа ЕК даде предлог-систем за заштита на надворешната граница што ни дава да се грижиме за границата, рече Хан.
Еврокомесарот порача и дека ако се надмине бегалската криза, дека тој верува дека ќе мора сите да работат на подобро разбирање на различната културна позадина и искуство меѓу земјите-членки. Тој додаде дека моќта на Европа е различноста и дека затоа е потребно да се биде обединет и дека е потребно заедничко разбирање за да нема дискусија и коментари во медиумите.
Вицепремиерот Бесими, пак, посочи дека со поддршка на ЕУ за гранична заштита и откако е Фронтекс на границата со Грција, а билатералн земји-членки на ЕУ даваат поддршка на граничната контрола, дека постои поголема соработка за регистрација со грчките власти. Тој додаде дека од 16 илјади економски мигранти, Македониај веќе вратила седум илјади лица, а на границата се појавиле и 8.000 лица со лажни документи.
– Соработката е есенцијална и за проширувањето и да се најде механизам како да се надмине проблемот. Засилува соработката на земјите во регионот и плус добиваме од новата методологија на извештајот на ЕК во однос на Македонија и вскладеноста со европското законодавство, гледате земјата иако не може да се прави споредба со преговори, сепак е на високо нивото во однос на брзината и разликата на преговорите на Србија и Црна Гора, рече Бесими.
На крајот, еврокомесарот Јоханес Хан истакна дека „има разлика меѓу бегалци и мигранти“ и побара да се размислува за воведување на заедничка европска политика за азиланти, каква што имаат САД, Канада и Австралија.

Инаку, попладнево, Хан ќе го прими во својата канцеларија во Европската комисија заменик-претседателот на македонската Влада Фатмир Бесими, со кого се очекува да разговараат за политичката криза во Македонија и нејзиното разрешување, како и за бегалската криза и справувањето со неа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top