Американскиот државен секретар Џон Кери се заложи Велика Британија да остане во ЕУ, а Унијата да ги надмине сите свои сегашни предизвици.
– Интерес на САД е една силна Британија, да остане дел од силната Европска унија, изјави Кери.
Шефот на американскиот Стејт департмент прифаќа дека ЕУ се соочува со бројни предизвици, меѓу кои и со можниот излез на Британија, но изразил уверување дека од сегашната ситуација Унијата ќе излезе посилна, обединета и со изграден заеднички одговор на сите сегашни предизвици.
Ова не е првпат официјален Вашингтон да бара од Британците да не ја напуштаат Унијата.
Минатата година претседателот Барак Обама порача дека Британија „мора да остане во ЕУ“, за, како што рече, да продолжи да има влијание врз светска политичка сцена, а такви пораки има испраќано и државниот секретар Кери.
Пораката на секретарот Џон Кери доаѓа на само неколку денови пред Самитот на ЕУ, на кој би требало да биде прифатен договорот што Лондон и Брисел го постигнаа за британските барања за реформирање на Унијата.
Британскиот премиер Дејвид Камерон изјави во Хамбург на еден бизнис форум дека силно ќе агитира ( на референдумот во Британија) за тоа земјата да остане во ЕУ, доколку Унијата се согласи со британските услови за членство.
– Велика Британија е отворена држава и ние (Британците) не сакаме да се повлечеме од светот, рекол Камерон, одговарајќи на американските повици за потребата од присуството на Британија во ЕУ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.