Членовите на групата „Меморија“ по цели 20 години повторно се собраа и најавуваат нови проекти. Бендот, кој уживаше голема популарност кон крајот на 1980-тите и 1990-тите години, најавува голем концерт во Скопје, но и документарен филм за успешната и богата кариера, пишува „Нова Македонија“.
Доказ за тоа е што сѐ уште се слушаат некогашните хитови на „Меморија“ – „Оган под ѕвездите“, „Нена“, „Зошто боже“, „Македонија“, „Снежо, Снежана“, „Нашите слики“, „Параходот“, „Црна се чума зададе“…, кои се снимени на петте студиски албуми што ги објавија.
Според басистот Петар Георгиевски-Камиказа, кој е еден од основачите на легендарниот бенд, вели дека најважно е што сите членови се повторно заедно и што, и покрај многубројните обврски, имаат желба и енергија за соработка.
– Сѐ уште е рано за објавување поконкретни информации во врска со нашите активности. Многу работи се во фаза на размислување и договор. Но се планира голем концерт во Скопје. Сепак, сѐ уште е рано за конкретни термини – вели Петар Гергиевски-Камиказа.
Гитаристот на „Меморија“, Димитар Божиков, исто така, ѝ се радува на новата дружба со членовите на групата:
– Се собравме да видиме дали сме сите живи и здрави, тоа сепак е најважно. Има идеја да снимиме барем една нова песна, но допрва ќе се договараме за пробите и за сите други детали во врска со она што нѐ очекува. Како и да е, приказната за „Меморија“ продолжува – вели Божиков.
„Меморија“ е основана во 1984 година, а во текот на годините во неа членувале Апостол Поце Икономов, Петар Камиказа Георгиевски, Антонио Димитриевски, Дејан Кузмановски, Валентино Скендеровски, Нино Бошњаковски, покојниот Зоран Илиќ, кој го испеа првиот голем хит на групата „Нена“, Александар Јаблан Стефановски, Сашо Ангелов, Дејан Миновски, Ристо Ицо Јовковски, Бане Поповиќ и Ристо Самарџиев.
Членовите на групата се собраа неодамна, на прославата на 55-от роденден на Петар Георгиевски-Камиказа, кога и официјално го најавија своето големо враќање.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.